Младите треба не само да ја користат технологијата, туку и да ја разбираат и применуваат за решавање реални проблеми, порача Рози Мицкоска на глобалниот самит во Вашингтон, организиран од првата дама на САД, Меланија Трамп. Мицкоска истакна дека Владата е посветена на унапредување на дигиталната писменост и образованието, како дел од пошироките напори за подготовка на младите за предизвиците на современото општество. Во рамките на самитот, сопругата на македонскиот премиер имаше свое обраќање на работната сесија на тема „Safety and Protection online“. Во својот говор, како што посочија во соопштението од Владата, Рози Мицкоска посочи дека во Македонија веруваме дека дигиталната писменост мора да започне порано во образовниот процес.

-Нашата цел е младите, не само да ја користат технологијата, туку да ја разбираат, да размислуваат критички за неа и да ја користат за решавање на проблеми од реалниот живот. Клучен чекор во оваа насока е училишната програма на 21 век, имплементирана во партнерство со меѓународните организации и приватниот сектор. Денес, 341 основни училишта и околу 1900 наставници во нашата држава се дел од оваа иницијатива, истакна Мицкоска.

Сопругата на премиерот Христијан Мицкоски, Рози Мицкоска учествува на дводневниот самитот „Fostering the FutureTogether Global Coalition Samit“ во Вашингтон, организиран од првата дама на САД, Меланија Трамп, на кој учествуваа претставници од 45 држави и над 20 водечки технолошки компании. Целта на самитот е да ја зајакне глобалната соработка за подобрување на образованието, технологијата и благосостојбата на децата во услови на дигитална ера. Оваа иницијатива промовира создавање на партнерства меѓу државите и приватниот сектор, развојот на иновативни образовни програми и користење напредни технологии, како што е вештачката интелигенција, за поддршка на младите.

Целта на работната сесија е да ги собере првите дами од целиот свет и да се разговара за иновативни начини и стратегии и да се адресираат предизвиците со кои се соочуваат децата и учениците во дигиталната сфера.
-После работната сесија, учесниците на самитот, меѓу кои и Мицкоска, присуствуваа и на Tech Expo каде што најпознатите светски компании за напредна технологија ги презентираа дел од своите производи, стои во соопштението.
Самитот претставува официјално лансирање на глобална коалиција која има за цел да им помогне на децата ширум светот да стекнат вештини потребни за иднината.












