Војната на Блискиот Исток, која започна на 28 февруари, предизвика најголемо нарушување на воздушниот сообраќај околу Персискиот Залив од пандемијата на коронавирусот. Поради континуираните напади со ракети и беспилотни летала, воздушниот простор е затворен, а многу комерцијални летови се откажани. Имајќи го тоа предвид, побарувачката за приватни чартер-летови од Блискиот Исток е нагло зголемена, а оние што можат да си го дозволат тоа плаќаат астрономски цени за да го напуштат регионот.
– Побарувачката за приватни чартер-летови значително се зголеми во последните денови бидејќи распоредите на комерцијални авиони во делови од регионот станаа ограничени или несигурни. Гледаме барања од ултрабогати семејства, мултинационални корпорации кои преместуваат високи раководители и поголеми групи како спортски тимови, кои сè уште мора да патуваат заедно, изјави за Си-ен-ен Џон Метјуз, претседател и основач на приватната авијациска компанија „Ер Икс“.
Бернардус Ворстер, извршен директор на приватната чартер-компанија „SHY Aviation“, рече дека вообичаено има до 15 приватни летови дневно од Мускат, Дубаи и Ријад, но во еден ден од првата недела од февруари, тој број скокна на 98. Зголемената побарувачка, ограничениот број достапни авиони и повисоките трошоци за осигурување придонесоа за повисоките цени, рече Ворстер, кој го посочи и фактот дека авионите, генерално, празни се враќаат во регионот, што значи дека клиентите плаќаат за двата правци. На еден лет, на пример, имало група од 12 лица и куче. Тие летале од Мускат до Истанбул и платиле 145.000 долари (околу 135.200 евра) за петчасовниот лет. Истиот лет пред конфликтот би чинел околу 60.000 долари.
Освен што се скапи, приватните чартери не можат да го заменат опсегот на комерцијалните авиони поради нивниот помал капацитет. Сепак, бројни земји организираа летови за репатријација за своите граѓани.












