Малопродажните цени на горивата во Македонија повторно се зголемија, поради растот на светските берзански цени на нафтата и поскапувањето на доларот. Во последните две недели, бензините се поскапени за 12 денари за литар, а дизелот за 21 денар, додека дома се повикуваат трговците да го применат договорениот попуст од 2 денари за литар. Експертите предупредуваат дека ваквите флуктуации ја покажуваат силната зависност на домашниот пазар од глобалните нафтени трендови. Додека кај нас се бара намалување, во Германија воведуваат строги ограничувања за цените на пумпите, со цел заштита на потрошувачите од ненадејни скокови. Тамошните мерки предвидуваат дневно регулирање на цените и казни за прекршување, што го илустрира зголемениот притисок врз европските пазари на гориво

 

Малопродажните цени на горивата, како што и се очекуваше со оглед на скокот на нафтата на светските берзи, повторно се зголемија. Според денешната одлука на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комуналниот отпад, горивата поскапуваат, и тоа бензините за 7 денари, дизелот за 6,5 денари за литар, а цената на мазутот М‑1 НС ќе се зголеми за 4,867 ден/кг.

Максималните малопродажни цени што ги утврди РКЕ од полноќ ќе изнесуваат:

– моторен бензин еуросупер БС‑95 86,50 ден/литар;

– моторен бензин еуросупер БС‑98 88,50 ден/литар;

– дизел-гориво еуродизел БС (Д-Е V) 92,00 ден/литар;

– масло за горење екстра лесно 1 (ЕЛ‑1) 89,50 ден/литар;

– мазут М‑1 НС 47,453 ден/кг.

Како и минатиот понеделник, граѓаните поитаа кон бензинските пумпи да ги наполнат резервоарите на возилата по „пониска“ цена. Регулаторната комисија наведува дека одлуката е резултат на растот на берзанските цени на нафтените производи и на континуираниот раст на доларот во однос на денарот во изминатиот петдневен период.

– Референтните цени на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: бензините за 16,964 %, дизелот за 11,714 %, екстра лесното масло за 13,059 % и мазутот за 14,591 %. Курсот на денарот во однос на доларот е повисок за 0,8453 %. Со оваа одлука, просечното зголемување на цените на нафтените деривати во однос на одлуката од 9 март е 8,98 %, а цените остануваат меѓу најниските во регионот и во Европа – велат од РКЕ.

Анализата на двата последователни скока на цените на РКЕ покажува значително зголемување на нафтените деривати за краток период. На 3 март 2026 цените беа:

– бензин еуросупер БС‑95 74,50 ден/л;

– бензин еуросупер БС‑98 76,50 ден/л;

– дизел еуродизел БС 71,00 ден/л;

– екстра лесно масло ЕЛ‑1 70,00 ден/л;

– мазут М‑1 НС 35,542 ден/кг.

На 10 март 2026, по првата одлука на РКЕ, цените се зголемија, и тоа бензините за 5 ден/литар, дизелот за 14,50 ден/литар, маслото ЕЛ‑1 за 12,50 ден/литар, а мазутот за 7,044 ден/кг.

Со денешната одлука дополнително се зголемија, што значи дека од 3 до 17 март (за само две недели) бензините ќе бидат поскапи за вкупно 12 денари за литар, додека дизелот за 21 денар за литар. Мазутот ќе бележи зголемување од 11,911 ден/кг за истиот период.

– Овие скокови ја илустрираат силната корелација помеѓу берзанските цени на нафтата, курсот на доларот и домашниот пазар и го потенцираат влијанието на глобалните фактори врз цените на горивата во земјава – потенцираат од РКЕ.

Регулаторната комисија ги потсетува компаниите што продаваат нафтени деривати на бензинските пумпи дека се повикани од Владата да го применат договорениот попуст со набавувачот ОКТА од 2 денари за литар, со што сметаат дека бенефитот од намалувањето ќе го почувствуваат граѓаните.

Од „Макпетрол“ минатата недела оценија дека попустот што го понуди ОКТА од 2–2,5 денари за литар е добар почеток, но не е доволно за да ја ублажат финансиската тежина предизвикана од наглиот раст на светските берзански цени на нафтата и растечкиот курс на доларот. Според „Макпетрол“, ова намалување не ги надоместува штетите што веќе ги претрпеле трговците на мало, бидејќи во периодот пред тоа набавувачот продавал на големо по повисоки цени од регулираните малопродажни цени од страна на Регулаторната комисија и остварувал профит, додека бензинските станици работеле со загуби, но не ги затвориле своите објекти.

„Макпетрол“ предложи, според нив, да се разгледа замрзнување на набавните цени на нафтените деривати, што автоматски би го стабилизирало и малопродажното ниво, како што е практика во некои земји од регионот.

Додека кај нас се замолуваат трговците со нафтени деривати да ја намалат цената на горивата, германската Влада воведува строги ограничувања за трговците со гориво во обид да ги заштити потрошувачите од ненадејни флуктуации на цените. Новото германско законодавство предвидува дека набавувачите ќе можат да ги зголемуваат цените само еднаш дневно, напладне, а за прекршување се предвидени казни до 100.000 евра.

Иако зголемувањето на цените ќе биде строго регулирано, намалувањето ќе биде дозволено во секое време. Мерките се предвидени како привремен механизам, а германската Влада ќе ја процени нивната ефикасност и влијание врз пазарот по завршувањето на летната туристичка сезона. Конзервативни тамошни експерти предупредуваат дека ваквото ограничување може да создаде потенцијални стапици на пазарот, особено кога е драматично ограничена слободата за одредување на цените. Германскиот нацрт-закон се базира на австрискиот модел на регулирање на цените на бензинските пумпи.

Двајца кандидати за наследник на Бислимоски на чело на РКЕ

Двајца кандидати се пријавиле на јавниот оглас за избор на нов претседател на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комуналниот отпад (РКЕ). Според информациите на МИА, на огласот се пријавиле Ацо Ристов, поранешен градоначалник на Радовиш, и Шамил Реџепи, вработен во РКЕ.

Комисијата за прашања на изборите и именувањата утре на седница ќе ги разгледува пријавите, по одлуката за објавување јавен оглас за именување претседател на РКЕ („Службен весник“, број 45/2026).

Огласот за претседател на РКЕ беше објавен откако Марко Бислимоски поднесе оставка, а функцијата му престана кога Собранието ја констатираше оставката. Сега Комисијата работи со шест члена, а заседава заменик претседателот на РКЕ.

Согласно со Законот за енергетика, по разгледувањето на пријавите, Комисијата за прашања на изборите и именувањата му предлага на Собранието предлог-кандидат за именување на претседател на РКЕ.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ