На објавениот оглас на Министерството за транспорт за распределба на 47 социјални станови во Дебар, до определениот рок, 30 март, биле доставени 85 барања.
– Станува збор за распределба на 47 социјални станови со површина од 34 до 54 квадратни метри – изјави, Арлинда Муладаути-Телќиу, директорка на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа во Дебар.
Според неа, барањата со потребната документација се доставени до соодветната комисија во Министерството за транспорт.
Таа посочи дека распределбата на становите ќе биде согласно со методологијата за бодирање на кандидатите и оти становите ќе бидат распределени на фер и транспарентен начин.
Додаде дека објектот, кој се наоѓа на улицата „Нормална е Елбасанит“, е изграден по Програмата за изградба, продажба и одржување на станбениот простор во сопственост на државата, а согласно со рамковниот договор за заем склучен меѓу Банката за развој при Советот на Европа и Република Македонија.
Муладаути-Телќиу потсети дека барање за добивање социјален стан за користење под закуп можело да поднесе лице, државјанин на Република Македонија, со постојано место на живеење во Општината, како и лице што е без стан во лична сопственост, на брачниот другар и на полнолетните членови на неговото заедничко домаќинство на територијата на државава, а да припаѓа на категориите што беа наведени во огласот.
– Поконкретно, корисници на социјални станови може да бидат следниве категории граѓани што се станбено необезбедени, и тоа: деца без родители или родителска грижа – лица над 18 години што до својата осумнаесетта година биле згрижени во институции и други облици за згрижување за деца без родители; корисници на правото на гарантирана минимална помош; лица погодени од елементарни природни непогоди, без разлика на правниот статус на нивните постојни (примарни) живеалишта – нагласува директорката.
Според неа, барања можеле да достават и лицата со попреченост и семејствата со лица со попреченост, како и лицата припадници на ромската заедница.
Ова е втора станбена зграда со социјални станови во градот. Првата беше изградена и становите беа распределени пред повеќе од две децении.












