Иницијативата „Збогум, Буково“ укажува дека проблемот со дивите депонии во Охрид е сериозен, а сторителите остануваат неказнети. На работниот состанок одржан минатата недела со претставниците на Општина Охрид, инспекциските служби, Одделението за животна средина и комуналното претпријатие, биле констатирани низа проблеми во справувањето со нелегалното фрлање отпад, но било договорено и преземање низа мерки. Меѓу нив се: спроведување едукативна кампања, во соработка со граѓанските организации, за информирање и едуцирање на населението за незаконското фрлање отпад, последиците врз комуналните услуги и штетата врз општинскиот буџет, но и поставување камери на критичните локации, со што ќе се овозможи подобар надзор, а добиените материјали ќе се доставуваат до инспекциските служби за понатамошно постапување

 

Иницијативата „Збогум, Буково“ укажува дека проблемот со дивите депонии во Охрид е сериозен, а сторителите остануваат неказнети. На работниот состанок одржан минатата недела со претставниците на Општина Охрид, инспекциските служби, Одделението за животна средина и комуналното претпријатие, биле констатирани низа проблеми во справувањето со нелегалното фрлање отпад, но било договорено и преземање низа мерки.

Меѓу нив е спроведување едукативна кампања, во соработка со граѓанските организации, за информирање и едуцирање на населението за незаконското фрлање отпад, последиците врз комуналните услуги и штетата врз општинскиот буџет, но и поставување камери на критичните локации, со што ќе се овозможи подобар надзор, а добиените материјали ќе се доставуваат до инспекциските служби за понатамошно постапување.

Била истакната и потребата од директно вклучување на полициските служби.

– Според достапните информации од јавен карактер, полицијата во текот на 2025 година нема поднесено ниту една пријава, ниту изречено казна во оваа област – нагласуваат од иницијативата „Збогум, Буково“.

Сметаат дека итно е потребно и забрзување на процесот за изградба на собирен центар, каде што граѓаните ќе можат да фрлаат кабаст, зелен и опасен отпад – еден од главните причинители за создавање диви депонии.

На состанокот било заклучено и дека инспекциските служби работат континуирано на терен, но оти се соочуваат со сериозни опструкции од државни институции при спроведувањето на казнените мерки за правни и за физички лица што нелегално фрлаат отпад.

Воедно, било утврдено и дека постапувањето на приватни имоти е дополнително отежнато бидејќи е потребен судски налог, кој не секогаш е навремено достапен, но и тоа дека се потребни измени во законската регулатива или локални одлуки, со цел да се забрза и поедностави процесот на санкционирање.

На територијата на Општина Охрид има околу 60 диви депонии, кои треба да бидат системски мапирани и управувани со помош на дигитални алатки.

Од иницијативата „Збогум, Буково“ велат дека остануваат активно вклучени во решавањето на овој проблем и оти ќе продолжат да придонесуваат со сите расположливи ресурси.

Депонијата „Буково“ постојано се запалува и се гасне со вода и се затрупува со земја од страна на ЈП „Охридски комуналец“. Оваа депонија постои повеќе од 55 години и таму има наталожено огромни количини отпад. Надлежните посочуваат дека најсоодветно решение е затворање на депонијата и отворање нова регионална депонија во Новаци, Битолско, која ќе ги исполни современите еколошки стандарди и ќе овозможи побезбедно и поефикасно управување со отпадот.

Министерот за животна средина, Муамед Хоџа, деновиве најави дека во Новаци ќе се одлага отпадот од Југозападниот и од Пелагонискиот Регион, како и онаа во Русино, Гостиварско, и дека тие ќе бидат првите регионални депонии од вкупно петте што ќе се отворат во Македонија. Тој рече дека во постапка е отворањето регионална депонија во Свети Николе, која ќе се реализира од ИПА-фондовите.

 

 

ИЗДВОЕНИ