петок, јуни 5, 2026
Дома БАЛКАН Вучиќ пред изборите во Унгарија: Србите ќе му бидат благодарни на Орбан...

Вучиќ пред изборите во Унгарија: Србите ќе му бидат благодарни на Орбан дури и ако изгуби

929
Претседателот на Србија Александар Вучиќ објави денеска дека го поддржува премиерот на Унгарија Виктор Орбан на утрешните избори во земјата, за кои смета дека се важни не само за иднината на Будимпешта, туку и за Европската Унија, пренесува „Бета“.

 

Вучиќ на „Инстаграм“ напиша дека не знае дали Орбан ќе изгуби или ќе победи, ама дека му е благодарен за пријателството меѓу Србите и Унгарците.

„Не знам дали Виктор ќе изгуби или ќе победи. Знам само дека сум му бескрајно благодарен за пријателството меѓу Србите и Унгарците. Без него, тоа пријателство не би постоело“, се наведува во објавата, која вклучува и фотографија од Вучиќ и Орбан.

Вучиќ додаде дека му е благодарен на Орбан за сè „каков и да е резултатот“.

„П.С. Ние Србите сме различни, бидејќи дури и да изгубите, ќе ви бидеме засекогаш благодарни“, завршува објавата.

Унгарските граѓани утре излегуваат на гласачките места на избори кои се сметаат за историски и најважни од 1989 година, кога комунистичкиот режим се повлече од власт, а клучното прашање е – дали премиерот Виктор Орбан и неговата влада можат да бидат отстранети на овие избори?

Според „Дојче веле“, на утрешните избори, кои се сметаат за важни и за иднината на ЕУ, првпат од 2010 година постои реална можност да победи опозициската партија, конзервативната „Тиса“ која ја предводи главниот предизвикувач на Орбан, Петер Маѓар.

 

ИЗДВОЕНИ