петок, октомври 23, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ДЕНОТ НА МАКЕДОНСКАТА РЕВОЛУЦИОНЕРНА БОРБА, 23 ОКТОМВРИ, ИМАЛ ВЛИЈАНИЕ И ВО ЕВРОПСКИ...

ДЕНОТ НА МАКЕДОНСКАТА РЕВОЛУЦИОНЕРНА БОРБА, 23 ОКТОМВРИ, ИМАЛ ВЛИЈАНИЕ И ВО ЕВРОПСКИ РАМКИ: Од „подземната република“ на македонските револуционери учеле и ирските борци за слобода

Основањето на Македонската револуционерна организација на 23 декември 1983 година истовремено значело и почеток на изградбата на целосен таен систем што опфаќал создавање мрежа на комитети, вооружени комитски чети, тајна полиција, судови, грижа за населението... Таквата организација уште во тој период веднаш станала пример чии искуства почнале да се следат и да се користат од Ирската републиканска армија во борбата против британската власт, од ерменските, од курдските востаници во борбата против османлиската власт и обратно. – Системот што го воспоставиле македонските револуционери бил пример што се следел во Европа и бил пример за делувањето во тогашните околности. Односно дека основачите и следбениците на Македонската револуционерна организација знаеле да го одберат патот до слобода и до сопствена држава – наведува историчарот Никола Жежов

0

– Cе заколнувам во името на својата чест и пред Бога дека верно и чесно ќе им служам на интересите на својата татковина Македонија, ќе ги слушам беспоговорно заповедите на В. М. Р. Комитет и ќе го пазам во најдлабока тајна сè она што се врши во име на Комитетот, дури и пред најужасните мачења…“, е дел од заклетвата со која македонските револуционери, пред 133 години, почнале да и ја искажуваат верноста кон Македонската револуционерна организација, кон својата татковина. Идеалите на 23 октомври 1983 година, на денот на формирањето на Организацијата, која потоа  останала запаметена во колективната меморија на македонскиот народ под името ВМРО, биле силни. По вековите ропство, било дојдено време да се тргне во решавачка битка за слобода, за своја држава, за свој народ, кој во тој период ѝ бил потчинет во Отоманската Империја. За тоа силно биле свесни шестемина нејзини основачи: Христо Татарчев, Даме Груев, Петар Поп Арсов, Христо Батанџиев, Антон Димитров и Иван Хаџи Николов, кои знаеле дека Организацијата мора да биде силна, тајна, со бескомпромисни борци подготвени да ги положат и своите животи. Но, не само да се војува туку истовремено и да се гради основа за нов систем што ќе донесе правда, ред, слобода за граѓаните.

Исклучително тешка задача било да се организираат четите, да се набави оружјето, да се обезбедат засолништа, храна, муниција, да се заштитат од шпионите и предавниците, да се грижат за семејствата на загинатите борци, да се шири вистината за македонската борба… во ситуација кога бил надмоќен непријателот во секој поглед. Но, се успевало во тоа. Се градела мрежа на комитети на Организацијата, се формирале чети, се набавувало оружје, се делела правда, се воведувале систем на тајно комуницирање, курирска мрежа, се водела грижа за секој свој приврзаник. Сето тоа далеку од очите на завојувачот, кој само насетувал дека се подготвува народот за борба за слобода, под превезот на длабоката тајност, дотаму што делувањето на македонските револуционери веќе почнало да се нарекува и „подземна република“, како држава во држава, како затворен и таен систем што тргнал во решавачка битка. А таквиот, во основа, герилски концепт на војување и илегален систем, кој почнал да се воспоставува во тој период, станал пример за други востанички движења во европските земји, каде што потчинетите народи, кон крајот на 19 и на почетокот на 20 век, слично како и македонскиот народ, почнувале со своите борби за слобода и за самостојна држава.

Заокружен систем на тајно делување

Организирањето на ослободителната борба во Македонија во ниту еден момент не ѝ било препуштено на стихијата. Сè било темелно регулирано, како со Уставот на МРО така и со правилниците за делувањето на револуционерните комитети, за четите предводени од војводите. Така, на пример, во првиот правилник за устројството на комитетите било предвидено месните комитети да немаат право да стапуваат во контакт со надворешните комитети без согласност на ЦК, дека групите се најнизок облик на организирање, дека новите членови во нив се избираат по препорака на постар член, дека членовите плаќаат членарина и се грижат за набавката на свое оружје, дека секој член ги знае само другарите и членовите на својата група, дека членовите треба да бидат трезвени, чесни, тајни и непоткупливи и да не зборуваат некому што било за револуционерното дело…

– Ниту еден член не смее да се откаже од извршувањето каква било задача што му е поставена од Организацијата. Самоиницијативно не смеат да преземаат каква било задача – пишува во правилникот.

Со него било предвидено и постоењето на тајната полиција, која имала две одделенија, при што истражното имало задача да го следи поведението на членовите, на населението и на турската полиција, додека задача на казнената полиција била да ги спроведува казните кон сите што му наштетиле на делото. Било предвидено да се собираат пари и со закани и заплашувања на лица што можеле да го помогнат делото, а не сакале.

Уште поригорозен бил правилникот со кој се предвидувало однесувањето на комитските чети, кои имале првенствена задача да агитираат меѓу народот за целите на борбата, да ги обучуваат борците и воведуваат во борба.

– Работата за делото од едно село не треба да се соопштува во друго. Напаѓањето цели села, обидите за кревање села за бунт – воопшто потфатите од покрупен карактер што можат да ја завлечат Организацијата предвремено во борба – се сметаат за дела престапни и предавнички. Виновниците се прогонуваат и казнуваат како престапници и народни душмани – се наведува во овој правилник.

Историчарот и универзитетски професор, Никола Жежов, смета дека делувањето на Македонската револуционерна организација претставувало еден цел заокружен систем.

– Нејзиното делување ги имаше сите карактеристики на една „подземна република“, на една „држава во држава“. Револуционерите изградија цел систем со комитски чети, со полиција, со комуникации, со начинот на собирање средства, со грижата за соборците и за нивните семејства, со казните за престапниците и предавниците… Со сето тоа се стекнувале доверба и поддршка кај народот, Организацијата станувала народна – наведува Жежов во изјава за весникот ВЕЧЕР.

Инаку, терминот „подземна република“ првпат бил употребен од Даме Груев во интервју со еден анонимен шкотски новинар, во неговата статија за Организацијата во списанието „Блеквудс магазин“, во текот на неговата посета на Македонија во 1906 година.

Размена на методи за улични борби, атентати, делување на малите чети

Делувањето на македонските револуционери пред и во текот на Илинденското востание предизвикало силен интерес и поддршка на ирските борци, кои на почетокот на 20 век тргнале во борба за своја држава, против тогашните британски власти. Ова особено кај генерациите ирски борци што биле претходница во создавањето на Ирската републиканска армија, која била формирана во 1919 година. Во 1903 година, во Ирска била активна постарата генерација ирски националисти и револуционери – Братството за ирска република (IRB) и раните претходници на партијата Шин Фејн. Тогаш ирските националистички весници како „Јунајтед ајришмен“ на Артур Грифит, основачот на партијата Шин Фејн, во 1905 година будно ги следеле настаните во Македонија. Ирските автори редовно пишувале статии во кои ги поддржувале македонските револуционери, претставувајќи ги како „браќа по судбина“, кои се борат против една голема империја – Османлиската, исто како што се бореле Ирците со векови против Британската Империја. Од друга страна, во редовите на ВМРО, во весниците што ги издавала Организацијата, често имало прилози за структурата и за делувањето на ИРА.

– Двете организации се сметаат за едни од најдоброорганизираните паравоени и конспиративни мрежи во Европа. Тие, независно или преку индиректни канали, учеле една од друга. И ВМРО и ИРА развиле концепт на „паралелна власт“, односно „подземна република“, каде што имале сопствени тајни судови, даночни системи и тајна пошта. Тие меѓусебно се интересирале за начинот на герилското делување, а ИРА особено се интересирала за искуствата на ВМРО. Како историчари, немаме сознанија за тоа дали престојувале некои претставници на ИРА во тој период на првите децении од минатиот век, на подрачјето на Македонија и дали директно комуницирале со наши револуционери. Но, имало интензивни симпатии и желба да се искористат искуствата во борбата за своја држава – наведува историчарот Жежов.

Сознанијата покажуваат дека весниците блиски до ИРА  детално ги анализирале структурите на македонските комити како пример за успешна илегална мрежа што успешно се справува со многу побројните српски и грчки воени сили во Вардарска и во Егејска Македонија. Од друга страна,  македонскиот печат од меѓувоениот период со воодушевување пишувал за тактиките на „летачките колони“ (Flying Columns) на ИРА – мали, мобилни герилски единици што брзо напаѓале и се повлекувале, што во суштина било идентично со комитските чети на ВМРО. Освен ова, како што вовело ВМРО „патриотски данок“ така и ИРА во тој период вовела „републикански заем“ со кој граѓаните и бизнисите им плаќале данок на тајните агенти на ИРА наместо на британската круна. По примерот на комитските судови во Македонија, ирските борци формирале мрежа на тајни граѓански и кривични судови, а по примерот на комитската тајна полиција и разузнавање ИРА развила широка разузнавачка мрежа…

– Не е само ИРА организација со која биле поврзани македонските револуционери туку поврзаноста била и со ерменските, со курдските револуционери, кои, исто така, во тој период воделе силни борби за свои држави. Малку е познато дека на погребот на Борис Сарафов присуствувала и делегација на ерменски револуционери. Сето тоа доволно кажува и потврдува дека делувањето и системот што го воспоставиле македонските револуционери биле пример што се следел во Европа и биле пример за делувањето во тогашните околности. Односно дека основачите и следбениците на Македонската револуционерна организација знаеле да го одберат патот до слобода и до сопствена држава – наведува историчарот Жежов за весникот ВЕЧЕР. (Б. Ѓ.)

 

ИЗДВОЕНИ