Албанскиот премиер Еди Рама, за време на прес-конференција, повторно зборуваше за протестите во земјата, нагласувајќи дека „пламените јазици на урбаниот терор избувнаа со полна сила и слепо насилство“.
Според Рама, овој урбан терор има една цел: да ја дестабилизира земјата и да ја оддалечи Албанија од нејзиниот пат кон Европската Унија, пренесува CNA.al.
„Со оглед на тоа што пламените јазици на урбаниот терор избувнаа во нашата земја со полна сила и слепо насилство, ние внимателно следиме голем број конкретни околности.
Вчера ја информирав јавноста за долг список на поединци со криминално досие, кои – претставувајќи се како студенти, иако немаат никаква врска со студентскиот статус или со вистинското студентско движење – учествуваа во насилството. Овие лица се приведени, а полицијата покрена правни постапки против нив.
Целта е јасна: да се дестабилизира земјата и да се оддалечиме од нашиот пат, враќајќи нè назад во минатото. Зад овие поединци стојат организираниот криминал и странски субјекти, чии активности се предмет на интензивна истрага“, изјави Рама.
Понатаму, премиерот упати критики и кон медиумите за начинот на кој известуваат за протестите. „Бев изненаден од реакцијата на корумпираните телевизиски станици на еден список, кој имаше за цел да поттикне размислување за тоа зошто тие не се оградуваат од насилството и зошто таквото насилство се релативизира во име на студентите и младите. Според овие телевизиски куќи – како и според ’ВИП-личностите‘ кои го величаат насилството во вечерните емисии – ова движење претставува пресвртница.
Меѓутоа, во реалноста, не постои таква ’пресвртница‘ – туку само отворено соочување со проблеми кои треба да се решат“, рече Рама.












