сабота, октомври 24, 2026
Дома БАЛКАН Ужас во Црна Гора: Бик нападна деветгодишно момче на враќање од училиште,...

Ужас во Црна Гора: Бик нападна деветгодишно момче на враќање од училиште, мештаните со месеци предупредувале на опасноста

0
Foto: Pexels

Деветгодишно момче се здоби со сериозни повреди откако беше нападнато од бик додека се враќало од училиште во Ластва Грбаљска, Црна Гора. Животното го удрило со роговите, при што детето изгубило свест.

Инцидентот се случил вчера, на 23 октомври. Според информациите на медиумот „Вијести“ од Подгорица, животното е дел од стадо добиток што слободно се движи низ населбата – ситуација за која локалните жители со месеци ги предупредуваат надлежните органи.

Според медицинскиот извештај доставен до редакцијата на „Вијести“ (Vijesti), бикот го удрил момчето со роговите во пределот на бутот, при што деветгодишното дете изгубило свест.

Детето е примено на болничко лекување во Клиничкиот болнички центар во Котор.

Во медицинската документација се наведува дека тој се здобил со нагмечување на надворешната страна од десниот бут, нагмечување на десната страна од градниот кош, како и потрес на мозокот.

Особено загрижувачки е фактот што жителите на Ластва Грбаљска уште кон крајот на август јавно предупредуваа на проблемот со добитокот што слободно се движи низ населбата.

Тогаш тие пријавија дека животните секојдневно влегуваат во приватни дворови, градини и имоти, уништувајќи ги земјоделските култури и оштетувајќи ги оградите и другиот имот.

Според мештаните, проблемот се интензивирал по почетокот на градежните работи на булеварот Будва – Тиват, кога била отстранета оградата околу просторот каде што претходно се чувал добитокот.

Оттогаш, животните слободно талкаат низ населбата, приближувајќи се до домовите и загрозувајќи ја безбедноста на жителите.

Мештаните предупредуваа дека проблемот не се сведува само на материјална штета, туку дека претставува сериозна опасност за луѓето – особено за децата.

За жал, нивните стравувања сега се остварија.

ИЗДВОЕНИ