Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) апелира до сите родители и граѓани да го проверат вакциналниот статус и да ги надоместат пропуштените дози од МРП-вакцината, која штити од мали сипаници (морбили), рубеола и од заушки. Апелот следува поради недоволниот опфат со вакцинација во земјава, како и регистрираните случаи на мали сипаници во некои од соседните држави.
Од ИЈЗ предупредуваат дека актуелната епидемиолошка состојба во регионот наложува зголемена претпазливост и навремено преземање превентивни мерки за да се спречи евентуално ширење на заболувањето.
– Вакцинацијата е најефикасната мерка за заштита од мали сипаници и за спречување на нивното ширење во заедницата. Особено е важно децата да ги примат двете дози на МРП- вакцината, согласно со календарот за имунизација, а лицата што ја пропуштиле вакцинацијата да го проверат својот вакцинален статус и да ја надоместат пропуштената доза – е наведено во апелот од ИЈЗ.












