Поради одржување на гастрономско-туристичката манифестација „Фестивал на велешка пита и вино – Питијада 2026“, на улицата „Благој Ѓорев“ во Велес, во периодот од 8:00 часот на 8.10.2026 година, па сè до 21:00 часот на 12.10.2026 година, ќе има времен режим на сообраќај.
На делот од улицата „Благој Ѓорев“, на потегот од крстосницата со улицата „Борис Трајковски“, ќе биде забранет сообраќајот за возилата со поголем габарит (автобуси), кои ќе се пренасочат по улицата „Борис Трајковски“. Потоа, возилата што доаѓаат од улиците „Благој Ѓорев“ и „Тодор Јанев“ на кружниот тек ќе бидат пренасочени да се движат десно по улицата „Осма велешка бригада“, потоа лево кон улицата „Лазо Осмаков“, на која, во текот на одржување на манифестацијата, насоката на движење ќе биде променета, односно сообраќајот ќе се движи во насока од улицата „Осма велешка бригада“ кон „Љубљанска“ или на кружниот тек, лево кон улицата „Тодор Христов“, потоа кон улицата „Ѓорѓи Војтех“, лево кон „Кумановска“ и кон улицата „Борис Трајковски“. Возилата што доаѓаат од улицата „Кумановска“ нема да можат да се движат по улицата „Наум Наумовски-Борче“ и ќе бидат пренасочени по улиците „Ѓорѓи Војтек“ и „Тодор Христов“, потоа по улицата „Осма велешка бригада“. По улицата „Благој Ѓорев“, од кружниот тек „Авона“, сè до улицата „Љубљанска“, сообраќајот ќе биде забранет во двете насоки. Од крстосницата со улицата „Љубљанска“, па сè до улицата „Орце Мартинов“, сообраќајот ќе биде еднонасочен, додека од крстосницата со улицата „Орце Мартинов“, сè до крстосницата со улицата „Алексо Демниевски-Бауман“сообраќајот ќе биде двонасочен.
Ваквиот потег е преземен за полесен пристап до болницата што е во близина, како и за полесен пристап до домовите на жителите што живеат на тој потег од улиците.
На делот од улицата „Алексо Демниевски-Бауман“, на потегот од крстосницата кај Поштата, сè до семафорите, исто така сообраќајот ќе биде двонасочен.
Времениот режим на сообраќај ќе се одвива според поставената времена сигнализација, како и знаците што ќе ги даваат униформираните полициски службеници.












