вторник, ноември 24, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Фемицидот не започнува со убиството – институциите мора да реагираат многу порано

Фемицидот не започнува со убиството – институциите мора да реагираат многу порано

1

Фемицидот не е изолиран чин на насилство, туку последица на континуирано насилство, пропуштени можности за превенција и ненавремена институционална реакција. Ова беше една од клучните пораки на денешната завршна конференција на проектот посветен на зајакнување на институционалните капацитети за превенција на фемицидот, организирана од Новинари за човекови права во Скопје, со финансиска поддршка од италијанското Министерство за надворешни работи и меѓународна соработка.

Конференцијата се одржа симболично, на 24 ноември, еден ден пред Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените и почетокот на глобалната кампања „16 дена активизам против родово базираното насилство“. Свои излагања на конференцијата имаа Наташа Доковска, програмска директорка на Новинари за човекови права, Амалија Раниери од партнерската организација „Синерџи“ од Италија, г. Зела Морено, претставник на Италијанската амбасада во Скопје, и експертот во рамките на проектот, адвокатот Срџан Амет. Во фокусот на конференцијата беа институционалната одговорност, препознавањето на ризиците, правната заштита на жртвите и потребата од унапредување на меѓуинституционалната соработка.

-Фемицидот не се случува во моментот кога една жена ќе биде убиена. Тој започнува многу порано – со првата закана, првиот удар, контролирањето, изолацијата, но и со секој пропуштен сигнал и секоја ненавремена институционална реакција. Токму затоа превенцијата мора да биде поставена на вистинското место и во вистинското време. Не смееме да чекаме една жена да го загуби животот за потоа да анализираме каде потфрлил системот. Институциите мора да реагираат пред да биде предоцна“, истакна Наташа Доковска, програмска директорка на Новинари за човекови права.

Таа нагласи дека последните случаи на фемицид и обиди за фемицид во земјава дополнително ја потврдуваат потребата од системски пристап, континуирана едукација на професионалците и воспоставување ефикасни механизми за процена на ризикот и навремена заштита на жените. Меѓународната соработка со италијанските партнери овозможи размена на искуства и добри практики во областа на превенцијата на родово базираното насилство, институционалното постапување и пристапот до правда. Посебно внимание во рамките на проектот беше посветено на улогата на полицијата, обвинителството, судството, центрите за социјална работа и медиумите во спречувањето на насилството врз жените. Постоењето законска рамка само по себе не е доволно доколку нејзината практична примена не обезбедува навремена и ефикасна заштита. Потребни се јасни протоколи, координирано постапување, континуирано следење на високоризичните случаи и одговорност за институционалните пропусти. Завршувањето на проектот не треба да означува и крај на активностите. Напротив, стекнатите искуства и препораки треба да претставуваат основа за понатамошно зајакнување на системот за превенција и заштита.

Во пресрет на глобалната кампања „16 дена активизам против родово базираното насилство“, денешната конференција испрати силна порака дека борбата против фемицидот не смее да биде ограничена на кампањи, декларативни заложби и реакции по трагични настани. Секоја навремена институционална реакција може да спаси човечки живот. Секој игнориран сигнал може да има фатални последици.

ИЗДВОЕНИ