Странските државјани од азискиот континент што доаѓаат во Македонија како работници, се најзастапени во структурата на лица што се доселиле во Македонија во изминативе три години. Ова го покажуваат статистичките податоци, од кои се гледа дека се случило значително зголемување во последниве две години. Ако во 2023 година во земјава се доселиле 4.961 лице, тој број во 2024 година се искачил на 9.098 граѓани, а минатата година тој број се искачил на 9.214 лица. Односно, вкупно 23.273 доселени во последните три години. Ова зголемување најмногу се должи на доаѓањето странски државјани за вработување во различни економски сектори, а за што македонските бизнисмени имаат сè поголема потреба поради иселувањето на младите кадри од нашата земја во странство.
Се чини дека преломна година за сè поинтензивното доселување странски државјани во нашата земја била 2023 година, кога последен пат било забележано мало доселување од само околу пет илјади странци. Во тој вкупен број, најзастапени биле странците со турски пасош, со кој тука дошле 3.082 лица. Од азиските земји, пак, таа година имало дојдено само 150 лица, при што од Индија имало само 12 лица, а од Непал седум. Меѓутоа, веќе следната година податоците за нивното присуство во Македонија значително се промениле. Па така, меѓу околу деветте илјади нововселени странци во нашата земја, од Азија дошле дури 6.226 граѓани: најмногу од Турција – 5.063, а потоа од Индија – 266, од Непал – 266 и од Бангладеш 261 работник.
Минатата година, пак, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика, бројките почнале сè поинтензивно да се менуваат. Ова од причина што лани се намалило доаѓањето работници од Турција, чиј број опаднал на 4.059 лица, додека доаѓањето од другите азиски земји се зголемило. Во тој период, од Азија дошле дури 6.132 работници, најмногу од Индија – 805, апотоа од Бангладеш – 552, Непал – 430, Филипините – 60…
Но, од она што се најавува, извесно е дека во наредниве години, бројот на странски државјани што ќе дојдат во Македонија постојано ќе се зголемува. Вицепремиерот и министерот за транспорт, Александар Николоски, неодамна најави дека земјава генерално има проблем со мобилизирањето работна сила и дека е добро што одлучила Владата да ја зголеми годишната квота од 10 на 13 илјади странски работници. Според него, следната година квотата треба да се зголеми уште повеќе и да се искачи на 20.000.
Вкупниот број странски работници со дозвола за престој лани, од 6.128, бил за три и пол пати поголем во споредба со пред пет години, кога 1.704 лица добиле дозвола. Најголем интерес за вработување странци има во градежништвото, индустријата, угостителството и во трговијата.
Македонските бизнисмени се жалат дека постапката за ангажирање странски работници во Македонија е долга и во просек трае од три до пет месеци, а најголеми пречки се недостигот на инспектори, долгото чекање за визи и обемната документација. Работодавците бараат поедноставување на процедурите, додека надлежните најавуваат забрзување и дигитализација на постапката. Ова е особено голем проблем за компаниите што ангажираат работници за сезонски активности или имаат однапред утврдени рокови за производство. (Б. Ѓ.)












