Претставата „Животинска фарма“ во режија на Ќендрим Ријани премиерно ќе се одржи утре (7 октомври), од 20:00 часот, на камерната сцена на прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“. Таа е сатирична алегорија напишана од Џорџ Орвел во 1945 година, a сe реализира со поддршка од Министерството за култура и туризам и е дел од годишната програма на Театарот.

– Безброј пати низ човековата историја се покажало дека дури и најблагородните идеи не успеваат да стигнат до својот зенит кога се поткопани од желбата за моќ и контрола, од лични интереси или едноставно – од малодушност. Токму така и пропаѓаат. Во тие случаи вистината станува еластична, фактите се предмет на интерпретација, а политичкиот јазик е неопходно средство, бидејќи, како што вели Орвел, тој е така создаден што прави лагите да звучат како вистина – вели за претставата драматургот Лидија Митоска-Ѓорѓиевска.

Таа посочува дека оваа адаптација на култното дело „Животинска фарма“ ја пренесува Орвеловата приказна во нашиот контекст и се занимава со механизмите на моќта што го деформираат општеството.

– Иако се променети некои имиња и околности, системот е добро познат: заедницата повторно верува во оној што зборува најгласно, ветува најмногу и тврди дека дејствува „за наше добро“. Трагедијата е во неспособноста на животните да ја препознаат манипулацијата што се одвива пред нивните очи – додава Митоска-Ѓорѓиевска.

Режисерот Ќендрим Ријани, пак, истакна дека направил претстава во која може да се изјасни за сите свои прашања и одговори што треба да ги добие публиката преку еден концепт што дава одговор на прашањето зошто е важен и неопходен театарот за луѓето.

– Драматизацијата во оваа претстава е најразлична и најуникатна од сите досегашни. Животните наместо да се трудат да изградат ветерница, ќе се трудат да изградат театар. Во ова време, но и порано, докажано е дека за нашите души и за нашиот ум поважен е театарот од ветерницата – посочи Ријани.

Тој претходно истакна дека се работи за концепт што се надградува над „Животинска фарма“ и многу му личи на театарот „Војдан Чернодрински“. Како што кажа, освен она што го има внатре, во делото, тука е моментот во кој се наоѓа театарот без театар, се надградува и се вградува во концептот на „Животинска фарма“.

Во претставата играат: Зоран Иваноски, Димитар Ѓорѓиевски, Игор Трпчески, Илија Волчески, Даниела Иваноска, Наташа Ачански, Марија Спиркоска-Илијеска, Јасмина Мицовска-Станкоска, Михајло Миленкоски, Александар Тодески и Томе Темелкоски.

Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимографијата на Марија Пупучевска, а за музиката е задолжен Томе Темелкоски.

(Д. Т.)

ИЗДВОЕНИ