Анастасија Соколова, 24-годишна студентка на ФИНКИ од Кочани, која го преживеа пожарот во дискотеката „Пулс“ во кој загинаа 63 лица, во судницата во „Идризово“ сведочеше за моментите кога се обидувала да избега од објектот заедно со колешката Марија. Таа рече дека не се упатиле кон задната врата бидејќи огнот доаѓал оттаму, а кога тргнале од шанкот кон главниот излез, веќе настанало стампедо во кое сите биле заглавени.
„Таму беше жариштето на пожарот и оттаму доаѓаше огнот. Јас знаев дека постои таа врата, но никогаш таа не се користеше за влез и излез“, одговори Соколова на прашањето од одбраната на Дејан Јованов-Деко зошто не се упатиле кон задниот излез. Девојката појасни дека претходно ја гледала вратата отворена за проветрување, но не знае дали била користена вечерта на пожарот. Не видела ниту некој од гостите да се движи кон неа. Во текот на сведочењето, обвинителот Борче Јанев ја соочи со нејзината изјава дадена во истрагата, во која навела дека не ѝ било познато дека постои друг излез за евакуација, туку знаела само за главниот. Соколова повторно објасни дека задната врата ја видела отворена само за проветрување. За моментите на обидот за бегство, таа рече дека по повикот на Панчо присутните да го напуштат објектот, таа и колешката останале уште неколку минути зад големиот шанк, во паника и без да знаат како да постапат. Потоа се обиделе да излезат, но веќе било настанато стампедо.
„Имаше настанато стампедо. Сите се заглавивме. Јас изгубив свест зашто бев силно удрена во ѕидот. Се освестив, видов дека сите бевме заглавени. Четворица мажи беа клекнати на колена и прегрнати. Им реков: Може ли да станете да одиме кон излезот? Но немаше никаква реакција од нив. Јас згазив преку едниот, се фрлив кон излезот“, сведочеше Соколова.
Таа почнала да работи во „Пулс“ во 2022 година, најпрво како хостеса, кога ги носела гостите до резервираните маси, а потоа како шанкерка. Работела повремено, главно за викенди, и добивала дневница. На прашањето кој бил одговорен за работата во дискотеката, рече дека тоа бил Дејан Јованов, кој им давал задачи и инструкции. Додека објаснуваше дека дневницата ѝ ја исплаќала колешката Марија, Соколова се расплака, почна да се тресе, а потоа продолжи со сведочењето. Критичната вечер, на 16 март, пристигнала во дискотеката околу 22.30 часот. Таму веќе биле нејзините колеги и членовите на групата ДНК, кои имале проба и ги поставувале инструментите на бината. Јованов не бил присутен тогаш, а според нејзината процена, дошол околу 23 часот. Во врска со пиротехниката, Соколова рече дека не видела кој и како ги поставувал средствата, ниту знае како изгледале. Потврди дека и претходно во дискотеката се користела пиротехника, но светлината вечерта на пожарот била значително посилна од сè што видела дотогаш. За евентуалното ангажирање пиротехничар од страна на Јованов, сведокот наведе дека слушала разговори за тоа, но лично не видела такво лице. Одговарајќи за противпожарната опрема, Соколова рече дека забележала еден или два противпожарни апарати кај билетарницата, но не се сеќава дека видела апарати на други места во објектот. Во однос на промените во внатрешноста на дискотеката, таа посочи дека во 2024 година биле отстранети терасите од левата и десната страна над шанкот, по што биле поставени сепариња. Девојката беше еден од двајцата сведоци на првообвинетиот Дејан Јованов кои се појавија во судницата, иако одбраната повикала седум сведоци.
Сведокот Бојан Спасовски, угостител од Гевгелија, во чиј кафе-бар настап имала и групата ДНК, изјави во судницата дека пред три години, усно договорил настап со групата ДНК, но оти не знаел дека ќе користат прскалки. Родителите на загинатите деца во пожарот реагираат дека судењето е неефикасно. „Не бараме привилегии, туку сериозна, ефикасна и правична судска постапка, во која секој доказ и секој сведок ќе придонесат за утврдување на вистината. Нашата болка е реална, нашата загуба е неповратна, а нашето трпение не е бесконечно. Зад секое рочиште стојат родители кои ги загубија своите деца. За нас ова не е обичен судски предмет. Ова е борба за вистината, одговорноста и правдата за 63 изгубени млади животи“, порача Александар Наунов.












