вторник, ноември 24, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА СВЕТОТ И МАКЕДОНИЈА МОБИЛИЗИРАНИ ВО КАМПАЊАТА ПРОТИВ НАСИЛСТВОТО: На секој час се...

СВЕТОТ И МАКЕДОНИЈА МОБИЛИЗИРАНИ ВО КАМПАЊАТА ПРОТИВ НАСИЛСТВОТО: На секој час се убиваат по пет жени во светот, домот е најопасното место

Утре со бројни активности, почнува глобалната кампања „16 дена активизам“ под темата „Обединети да му ставиме крај на насилството врз жените и девојчињата“, зад која стојат Канцеларијата на ОН за дрога и криминал (UNODC) и „Ју-ен вимен“. Во македонското Собрание, по барање на опозицискиот СДСМ, ќе се одржи итна седница на која ќе се расправа за насилството врз жените и за семејното насилство, во ситуација кога за две години во земјава се регистрирани 13 фемициди. – И ние ќе го поставиме прашањето до Јавното обвинителство зошто нема поднесено обвинителни акти, а добро е да се одговори и од страна на судот зошто сè уште нема судска разрешница за поднесените акти – изјави Бојан Стојаноски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ

0
Young woman cowering in fear at the corner

Да се запре убивањето на жените, да им се стави крај на сите форми на насилството на жените, да се обезбеди правда за преживеаните и за починатите жртви, а за сторителите да има одговорност. Со вакви заложби, истакнувани деновиве по ужасните случаи на фемицид во Македонија, од утре во земјава, но и во светот, ќе следуваат нови активности за запирање на ваквиот вид насилство. Денеска, со бројни активности, почнува глобалната кампања „16 дена активизам“, која ќе трае до 10 декември, под темата „Обединети да му ставиме крај на насилството врз жените и девојчињата: обезбедете правда, заштитете ги жртвите, ставете ѝ крај на неказнивоста“, зад која стојат Канцеларијата на ОН за дрога и криминал (UNODC) и „Ју-ен вимен“. Тие ги повикаа владите, приватниот сектор, системот на Обединетите нации, медиумите, женските организации и жртвите на насилство, кои ги предводат промените, да ги здружат силите. А бројките што се соопштени се поразителни и укажуваат дека е потребно да се направи уште многу за да му се застане на крајот на злото.

– Четириесет и седум илјади жени и девојчиња биле убиени со умисла во текот на 2025 година, од страна на интимниот партнер или од член на семејството. Односно секој ден биле убивани 129 жени и девојчиња или по пет на еден час, при што домот продолжува да биде најопасното место за нив. Тоа е тренд што се нема променето со години – се наведува во новите податоци што ги објавија Канцеларијата на ОН за дрога и криминал и „Ју-ен вимен“ денеска.

Овие глобални организации наведуваат дека ниту еден регион не е безбеден за жените и за девојчињата од фемицид. Африка останува континент со највисока стапка на жртви на фемицид од интимниот партнер/член на семејството (2,9 жртви на 100.000 женска популација), по што следуваат Америка (1,4 жртви), Океанија (1,1 жртва), Азија (0,6 жртви) и Европа (0,5 жртви). Ова се само евидентираните случаи, па вистинскиот биланс е, веројатно, поголем, а фемицидот најчесто е крајната точка на насилството што можело да биде сопрено порано.

– Предолго гледаме алармантни статистики. Застрашувачките ставови, општествените норми и неуспехот на институционалните заштитни механизми создаваат средина во која убивањето сопруга, ќерка, мајка или сестра станува „толерирано“. Промената на оваа реалност бара континуирана акција на сите нивоа на општеството. Мораме да ги удвоиме нашите напори за спроведување превентивни стратегии насочени кон промена на општественото однесување и штетните ставови, како и да инвестираме во специјализираните програми и интервенциите за справување со сторителите на семејно насилство, заштитата на жените и обезбедувањето на нивните човекови права и достоинство – изјави извршната директорка на Канцеларијата на ОН за дрога и криминал, Моника Џума.

Системот не ги штити жртвите

Состојбите речиси во ништо не се подобри и во Македонија, каде што неодамнешните случаи одново го вклучија алармот за будење на општеството, кое досега многупати несоодветно реагирало на случаите на убиство и на насилство врз жените. Опозициската партија СДСМ вчера поднесе иницијатива за свикување итна седница на Собранието, на која ќе се расправа за насилството врз жените и за семејното насилство. Од партијата предупредија дека бројните случаи на насилство и на убиство на жени, и покрај претходните пријави и барања за помош, укажуваат на сериозни пропусти во институционалната заштита.

– Во Македонија, во последните две години се регистрирани 13 фемициди: шест во 2025 и седум во 2026 година. Жените не страдаат само од насилниците туку и од институционалниот молк и од неказнивоста. Бројни се примерите: 17-годишната Билјана од Богданци беше убиена и покрај активната забрана за приближување, Росица од Велес, Рамајана од Шуто Оризари, како и Ивана и нејзината ќерка од Скопје. Сара од Охрид беше претепана до бессознание, а осомничениот првично беше пуштен да се брани од слобода. Овие жени не добиле навремена заштита и покрај претходните пријави. Ова не се изолирани инциденти, ова е доказ дека системот не ги штити жртвите – порача пратеничката Јованка Тренчевска.

Од СДСМ посочија дека во 2025 година, во Министерството за внатрешни работи биле евидентирани 4.745 пријави од жени и дека биле поднесени повеќе од 1.000 кривични пријави. Центрите за социјална работа, според податоците што ги презентираше партијата, регистрирале 1.754 нови жртви на семејно насилство. Во првите десет месеци од 2026 година, бројот на пријави е зголемен за повеќе од 70 отсто, а поднесени се 1.450 кривични пријави – за 50 проценти повеќе во споредба со истиот период лани.

– Во изминатите две години, до надлежното јавно обвинителство биле поднесени речиси 2.500 кривични пријави. Колку од нив резултирале со обвинителни акти и судска завршница? На граѓаните им е потребен функционален систем што штити животи, систем што ќе им понуди безбедност – порача Тренчевска.

Иницијативата веднаш потоа беше прифатена од пратеничката група на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ. Пратеникот Бојан Стојаноски потврди дека бројките што ги презентирал СДСМ за зголемување на пријавите се точни, но оцени дека не значи тоа нужно дека се зголемило насилството, туку дека граѓаните имаат поголема доверба да го пријават.

– Точно е дека за 70 проценти е зголемен бројот на пријави за семејно насилство и за 50 проценти е зголемен бројот на поднесени кривични пријави. На зголемувањето на бројките влијаеле и измените на Кривичниот законик од јануари 2026 година, со кои се гони семејното насилство по службена должност. Ова придонело жртвите почесто да се охрабруваат да пријавуваат насилство – потенцира Стојановски.

ВМРО-ДПМНЕ најави дека на собраниската седница ќе побара одговори и од Јавното обвинителство за тоа колку од поднесените кривични пријави резултирале со обвинителни акти. Партијата смета дека треба да се отвори и прашањето зошто дел од веќе поднесените обвиненија сè уште немаат судска разрешница.

– И ние ќе го поставиме прашањето до Јавното обвинителство зошто нема поднесено обвинителни акти, а добро е да се одговори и од страна на судот зошто тие обвинителни акти што се поднесени сè уште немаат судска разрешница – рече Стојаноски.

Злосторството започнува со првата закана, првиот удар

 

На тоа дека фемицидот не е изолиран чин на насилство, туку последица на континуирано насилство, пропуштени можности за превенција и ненавремена институционална реакција, беше предупредено и на вчерашната завршна конференција за проектот посветен на зајакнување на институционалните капацитети за превенција на фемицидот, организирана од Новинари за човекови права во Скопје, со финансиска поддршка од италијанското Министерство за надворешни работи и меѓународна соработка. Во фокусот на конференцијата беа институционалната одговорност, препознавањето на ризиците, правната заштита на жртвите и потребата од унапредување на меѓуинституционалната соработка.

– Фемицидот не се случува во моментот кога ќе биде убиена една жена. Тој започнува многу порано – со првата закана, со првиот удар, контролирањето, изолацијата, но и со секој пропуштен сигнал и со секоја ненавремена институционална реакција. Токму затоа превенцијата мора да биде поставена на вистинското место и во вистинското време. Не смееме да чекаме една жена да го загуби животот за потоа да анализираме каде потфрлил системот. Институциите мора да реагираат пред да биде предоцна – истакна Наташа Доковска, програмска директорка на Новинари за човекови права.

Таа нагласи дека последните случаи на фемицид и обиди за фемицид во земјава дополнително ја потврдуваат потребата од системски пристап, континуирана едукација на професионалците и од воспоставување ефикасни механизми за процена на ризикот и за навремена заштита на жените. Особено внимание во рамките на проектот ѝ беше посветено на улогата на полицијата, Обвинителството, судството, центрите за социјална работа и на медиумите во спречувањето на насилството врз жените.

– Постоењето законска рамка само по себе не е доволно доколку нејзината практична примена не обезбедува навремена и ефикасна заштита. Потребни се јасни протоколи, координирано постапување, континуирано следење на високоризичните случаи и одговорност за институционалните пропусти. Секоја навремена институционална реакција може да спаси човечки живот. Секој игнориран сигнал може да има фатални последици – беше потенцирано на конференцијата. (Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ