На свеченото отворање на 29. издание на Меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедијата“, вчеравечер, во Куманово, на актерот Игор Џамбазов му беше доделена наградата за високи достигнувања во театарската уметност од областа на комедијата „Васил Иљоски“.

Со овации и со многу емоции, бројната публика во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ го проследи врачувањето на престижната награда „Васил Иљоски“ на годинешниот лауреат, истакнатиот македонски драмски уметник и шоумен, Игор Џамбазов.

Џамбазов истакна дека му претставува голема чест што ја добил наградата што го носи името на човекот што го познавал. Додаде дека Васил Иљоски и неговиот дедо, Петре Прличко, биле другари, но, за жал, двајцата ги загубил за само две недели.

– Како многу мал глумец од пет-шест години, имам играно во групата деца во „Чорбаџи Теодос“, а веќе како дипломиран глумец го играв и Бошко во „Бегалка“, во Драмски театар, во режија на Димитрија Рули Османли – додаде Џамбазов зборувајќи за делата на Иљоски.

-Во последно време додека си ја средував новата куќа во Дојран, ги наместив сите награди што сум ги добил и сфатив дека не сум им се израдувал на повеќе од половината. Некогаш не сум имал време да се израдувам, некогаш бидејќи не ми било до радување. И кога ги видов сите тие награди, сфатив дека сум испуштил многу убави моменти во животот. И решив до крајот на животот да им се радувам на сите награди што ќе ги добијам, а на оваа посебно и’ се радувам затоа што театарот во Куманово ме врзува на повеќе начини, истакна Џамбазов во контекст на наградата.

Паричниот фонд од наградата ќе го донира за лекување на девојче од Куманово, кое боледува од церебрална парализа.

Пред присутните се обрати и претседателката на Советот на Општина Куманово, Ивана Ѓорѓиевска, која го истакна значењето на овој фестивал за негување на позитивниот дух во Куманово.

Годинашното издание почна со премиера на претставата „Смрт на погребот“ во режија на Ненад Витанов на Кумановскиот театар , а во рамките на фестивалот, што ќе трае до 5 октомври, ќе се изведат претстави од театри од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и од Бугарија. На фестивалот настапуваат и Народно позориште – Источно Сараево со „39 Степеника“, Драмски театар – Скопје со „Болва в уво“, Народно позориште – Приштина со „Покондирена тиква“, Народно позориште – Ниш со „Кљукана династија“, Сатиричен театар „Алеко Константинов“ – Софија со „Кревет за двајца“, ЦК „Ацо Шопов“ и Театар Штип со „Сладолед за жени“, Албански театар – Скопје со „Првиот господин“, Народен театар – Битола со „Секстет“ и Театар комедија – Скопје со „Аматери“. Десетте претстави се дел од натпреварувачката програма, во чии рамки ќе бидат доделени награди за најдобра претстава, режија, актер, актерка, сценографија, костимографија и најмлад актер.

Фестивалот е под покровителство на Министерството за култура и туризам и на Општина Куманово.

Фото: Фејсбук

ИЗДВОЕНИ