Данската воена разузнавачка служба денес соопшти дека очекува Русија да ги засили хибридните воени дејства против земјите од НАТО во наредните месеци. Хибридното војување и саботажите привлекоа зголемено внимание откако Германија во август ја обвини Русија за обид за напад со дрон врз аеродромот Лајпциг/Хале – потег што ги поттикна земјите-членки на Европската унија да побараат нови санкции против Русија.
„Данската воена разузнавачка служба проценува дека Русија дополнително ќе ги интензивира своите хибридни воени дејства во наредните месеци преку изведување почести напади врз Западот и НАТО, кои ќе имаат поголеми последици за погодените земји отколку во минатото“, се наведува во соопштението на агенцијата, пренесено од Ројтерс.
Шефот на службата, Томас Аренкиел, изјави дека според нивните проценки, „Русија дополнително ќе ја ескалира хибридната војна“ против европските членки на НАТО во наредните месеци, преку „сè поголем број обиди за напади чија цел е да предизвикаат поголема штета од претходно“.
Тој оцени дека не постои директна закана за Данска, но истакна дека земјата сепак би можела да стане цел на руски обиди за ограничени упади на територијата на НАТО, со оглед на зголемената подготвеност на Русија да презема ризици, пренесува лондонскиот весник „Гардијан“.
Во интервју за Данското радио, шефот на разузнавачката служба Аренкиел ја повтори клучната оценка дека Русија ги засилува хибридните напади низ Европа и дека Данска мора да одржува високо ниво на подготвеност како одговор на тоа.
Тој предупреди дека „Русија особено го насочува своето внимание кон одбранбената индустрија и индустриските сектори што ја поддржуваат Украина“.
Одговарајќи на новинарски прашања, Аренкиел се согласи дека се чини оти Русија ги таргетира најблиските сојузници на Украина во обид да ги одврати од продолжување на поддршката за Киев, иако додаде дека тоа не претставува ништо ново.
Тој изјави дека Русија чувствува зголемен притисок во врска со Украина и шири низа теории на заговор – лажно тврдејќи дека НАТО има намера да ја нападне Русија – додека истовремено го зголемува ризикот од ескалација.
Тој исто така истакна дека Русија веројатно ќе се обиде да ја поткопа западната поддршка за Украина и да го подели НАТО, при што можеби ќе се насочи кон клучни воени компании што ја поддржуваат Украина.
По денешните предупредувања, данската агенција за цивилна безбедност ја зголеми проценката на заканата од „деструктивни сајбер-напади“ од средно на високо ниво.
Агенцијата проценува дека Русија веројатно ќе се обиде да изврши такви напади врз Данска, пренесува „Гардијан“.
Данската агенција додаде дека одлуката за зголемување на нивото на закана е поттикната од „зголемениот апетит“ на Русија за изведување хибридни напади врз европските земји-членки на НАТО, вклучително и деструктивни сајбер-напади.
Особено висок ризик е утврден во однос на нападите со „злонамерен софтвер“ (malware) насочени кон бришење податоци или попречување на „оперативната технологија“.
Во известувањето исто така се наведува дека агенцијата „е запознаена со конкретни планови за акти на саботажа во Данска“.
ИЗДВОЕНИ

Игор Ивановски, Андреј Петров и поранешните функционери на СДСМ тргнуваат во војна за смена на лидерот: Венко Филипче е некомпетентен

Граѓаните плаќаат 3.000 евра за квадрат, а добиваат стан со влага, мувла, без вентилација….

Македонскиот минималец точи 250 литри дизел, словенечкиот двојно повеќе

Нема лекарска грешка кај родилката од Струмица, причината најверојатно е спонтано крварење








