четврток, септември 24, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Нема лекарска грешка кај родилката од Струмица, причината најверојатно е спонтано крварење

Нема лекарска грешка кај родилката од Струмица, причината најверојатно е спонтано крварење

1

Невролошката состојба на родилката од Струмица која по породувањето со царски рез не може да оди , не е последица на спиналната анестезија, ниту на лекарска грешка во некоја од здравствените установи каде што била лекувана. Ова е едногласниот заклучок на Комисијата за надзор над стручната работа, формирана од министерот за здравство Сашо Клековски.

Комисијата била формирана на 19 август, по предлог на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, за да ја процени работата на здравствените работници во Општата болница Струмица, Клиничката болница Штип и Универзитетската клиника за неврологија во Скопје. Во неа учествувале петмина специјалисти – гинеколог-акушер, анестезиолог, невролог, неврохирург и радиолог, меѓу кои и двајца експерти од странство, од Воено-медицинската академија во Белград и Универзитетскиот клинички центар во Љубљана.

Комисијата ја разгледала целокупната медицинска документација, снимките од магнетната резонанца и дополнителните објаснувања од здравствените установи. Секој член дал стручно мислење од својата област, а конечните заклучоци биле донесени со согласност на сите петмина. Според наодите, грижата во текот на бременоста, упатувањето во Штип, породувањето со царски рез, анестезијата и постоперативното следење биле спроведени согласно протоколите и добрата клиничка пракса. Спиналната анестезија била дадена во долниот дел од ’рбетот, со стандарден лек и доза, додека промената во ’рбетниот мозок била утврдена значително повисоко, во градниот дел. Пациентката по операцијата имала уреден тек и била отпуштена без невролошки симптоми. Тие се појавиле неколку дена подоцна.

Како најверојатна причина, Комисијата наведува спонтано крварење од ретка малформација на крвните садови во ’рбетниот мозок.

-Причината, сепак, не е дефинитивно утврдена.Крварењето е во горниот граден дел на ‘рбетниот мозок, сомнежот е дека има нарушено оформување на крвните садови, или познато како клопче од крвни садови, што веројатно пациентката го имала и претходно, но не и правело проблем. Доколку било од спиналната анестезија веднаш ќе се парализирала, а состојбата настанува неколку дена по нејзиното испуштање од породилното, објаснува д-р Миќун Миќуновиќ, неврохирург, ЈЗУ Специјална болница „Св. Еразмо“ Охрид

Од Министерството за здравство посочуваат испитувањата треба да продолжат кога здравствената состојба на пациентката ќе дозволи, со цел конечно да се утврди причината за состојбата. Препорачана е и понатамошна рехабилитација со редовно невролошко следење. Од Министерството додаваат дека ќе продолжат да ѝ обезбедуваат поддршка на пациентката во понатамошното лекување и рехабилитација.

 

 

ИЗДВОЕНИ