-Верувам дека уметноста не смее да биде само чиста естетика, декорација… мора уметникот и да е општествено одговорен, особено во кризни ситуации, мора да истапи, вели во разговорот за весникот ВЕЧЕР македонскиот ликовен уметник, графичар и стрип-автор, Миле Ничевски, препознатлив по својот специфичен уметнички израз, кој ги спојува стрипот, социјално ангажираната уметност и урбаните мурали
Љубчо АЛЕКСОВСКИ
Миле Ничевски е истакнат македонски ликовен уметник, графичар и стрип-автор што живее и твори во Гевгелија. Тој е препознатлив по својот специфичен уметнички израз, кој ги спојува стрипот, социјално ангажираната уметност и урбаните мурали. Гевгелиските фасади одамна не се само обични ѕидови туку и отворени платна што зборуваат за солидарноста, заедницата и за митологијата. Разговараме со уметникот за транзицијата од прецизниот свет на графиката и стрипот кон монументалноста на муралите, за уметничкиот дух на Гевгелија и за тоа како добиваат локалните приказни универзален јазик.
Во 2020 година, во текот на пандемијата, го наслика муралот со порака „Физичка дистанца, социјална блискост – И уф арно и уф м’ка, комшијата е тука“. Како дојде до идејата да го споиш гевгелиското оро со тогашните строги протоколи, внесувајќи хуманост во тогашното сивило?

Верувам дека уметноста не смее да биде само чиста естетика, декорација… мора уметникот и да е општествено одговорен, особено во кризни ситуации, мора да истапи. Муралот го насловивме „Ноќен танц“. Требаше да го работам пред пандемијата, но откако се случи целата ситуација, се договоривме со фестивалот да не се игнорира пандемијата и дека мора да се обележи моментот. Мојата идеја беше преку танц да укажам дека треба граѓаните да држат физичка дистанца, но и да не ја заборават близината со комшиите, кои секогаш први помагаат. Пандемијата не ја сфатив дека треба да се затвориме и да не одржуваме контакти, туку и во таква ситуација да си помагаме и да го живееме животот со новите предизвици.
Муралот „Ноќен танц“ е директна референција на култниот Анри Матис, додека кај игралиштето ДТВ „Партизан“ ја искористи блискоисточната „Рака на Хамса“. Како ги избираше локациите за овие дела и како реагираа гевгеличани додека те гледаа на скелињата?
Локациите, дека се работи за јавен простор, сите се „сајт спесифик“, односно во согласност со просторот и околината. Секогаш внимавам на темата, локацијата и на значењето што би го имале за околината. Тоа е основно.
На пример, за „Раката/цете на Хамса“, муралот на ракометното игралиште, бев инспириран од извонредната игра на македонската ракометна репрезентација, тогаш, нели, и, секако, министерот за одбрана, Борко… и ете, секако, во мој стил и на мој начин. Самиот простор и тогашните случувања автоматски ме инспирираа и наметнаа солуција. Децата (Kiss), во центарот на градот, е блиску до детското игралиште итн.
Гевгеличани, како и целата арт-сцена (муралот беше нарачан од „Бошфест“, кој е интернационален фестивал, исто и „Орото“, кој беше од битолско-скопскиот „Актофест“), гледаат со почит кон мојата работа. Во сите мурали беа вклучени повеќемина уметници од Гевгелија, Скопје, Битола итн. Морам да ги набројам сите што ми асистираа околу овие мурали: Кате Чугунска и Александар Јанев околу муралот кај автобуската станица (нарачан од Црвениот крст на Гевгелија), Крстин и Евица околу „Рацете“ на ракометното, Крстин и Милош околу двата мурали што се во центарот (едниот „Бакнеж“ и другиот што е според стрип од 50-тите, нарачан од Општината). Нагласувам дека се работи за ангажмани, но темата и изведбата, се разбира, се мои. Инаку, секое дело мора да остави простор за толкување од страна на гледачот, т.е. публиката. Авторот е само иницијатор на идејата и на изведбата за понатамошно толкување.
Секој уметник има своја „почетна точка“. Што те привлече кон уметноста и кога сфати дека ќе биде твоја животна патека?
Отсекогаш. Понекогаш професијата те наоѓа тебе. Како и кај секоја друга љубов, едноставно немаш друг избор.
Дипломираше графика во класата на проф. Костадин Танчев-Динка. Какви спомени носиш од тие години и колку ти помага во создавањето строгата дисциплина што ја бара графичкиот отпечаток?
Да, имав среќа да учам од познати и добри уметници и професори. Уште од детството киснев по ателјеата на гевгелиските уметници, мирисот на терпентин, ленено масло, четки и на книги ми остана длабоко врежан. А, дисциплината е неминовна за занимавањето со уметност. Динката инсистираше на педантност и дисциплина. Благодарен сум му за тоа.
Твоите дела патуваа од Гевгелија до изложби во Берлин, Париз и во Тексас. Дали уметникот израснат покрај јужната граница носи специфичен сензибилитет што лесно комуницира со светот?
Мислам дека има врска и тоа. Воспитан сум како космополит, Гевгелија е, што би се рекло, предградие на Солун, а Солун е првиот космополитски град во Европа и на Медитеранот, по Вавилон, а пред Александрија. Така што протокот на идеи отсекогаш бил активно присутен.
Ако може да се сретнеш со кој било уметник, минат или сегашен, кој би бил тоа и зошто?
Интересно прашање. Хм, деликатноста на Веласкес, урбаната суптилност на Едвард Мане, едноставната убавина на Матис, тишината на Марсел Дишан, би пиел вино со Ерик Сати, со Дејвид Линч, чај со Бастер Китон, макијато со Хуго Прат, вотка со Дејвид Боуви… би можел не само да научам и да се инспирирам туку и да уживам во таква една суптилност и елеганција… Од живите, би пиел пиво со Маурицио Кателан, неговата смисла за хумор „сидата лекува“. А, не би пиел пиво, и покрај тоа што ги почитувам, со Пикасо поради неговата суровост, со Дали поради неговите суета и ароганција, ниту со Ворхол, не би ми годеле неговите рамнодушност и недостиг на емпатија. Повеќето американски уметници се премногу бизнис ориентирани и мислам дека и самите немаат време за себе, а не, пак, за другите.

Цртеж, стрип, колажи, мурали, што ти е тебе лично најблиско?
Цртежот, како техника, го сметам најпогоден за експериментирање, бидејќи не бара голем простор и специфични услови за работа, а хартијата ми е најблизок, најприроден медиум. Сè што ми е потребно за да се изразам се молив и парче хартија.
Eдно време беше и колумнист во регионалното списание „Добар глас“. Пишуваше сатирични текстови, козерии и научно-критички осврти. Пишувањето добро ти оди, имаш ли намера да продолжиш или, можеби, да напишеш некоја книга?
Интересно ми е, лесно, дури и неопходно да се изразувам во различни медиуми. Пишувањето ми е страст, паралелна и компаративна со уметноста, особено последниве неколку години, колумни во вид на објави на социјалните мрежи, кратки раскази, есеи за уметноста… Секако дека и во иднина ќе се појавувам во некакво печатено издание и, како дипломиран графичар, печатените изданија, т.е. книги ми се примарна страст и предизвик. Во моментот работам на таа тема.
Беше долгогодишен раководител на Домот на културата во Гевгелија. Ако треба денес да направиш „белешка“ за состојбата на гевгелиската и на македонската култура, каква би била таа, оптимистичка, песимистичка?
Сцената има смисла само во поширок, регионален контекст и, секако, интернационална валидност. Инаку, продукцијата на провинциска декорација е „лузерство“ од старт. Доаѓаат нови генерации, светот брзо се менува, Интернетот и новите технологии ја избришаа границата центар-провинција, така што оптимизмот е единствената опција.
Живееме во дигитална ера во која сè е брзо, инстант и минливо. Која е улогата на класичното сликарство/скулптура во едно вакво општество? Дали сè уште има уметноста моќ да ја менува свеста?

Секако. Вештачката интелигенција може да имитира, но не може да ја замени вистинската креација. Може да креира содржини, но тоа што се вика дух, болка, радост, очај, еуфорија, љубомора, тага, стил, поза, вкус сè уште е сопственост на човекот. Или, како што би кажале духовито, сè дури не може да изврши самоубиство, компјутерот не може да пишува поезија.
Што е следно на твојата уметничка мапа: ново платно во студиото, нов мурал на некоја стара гевгелиска фасада или нешто сосема трето?
Мурал може во кој било град во светот, со тоа што надворешните услови диктираат и според тоа, е дисциплина што најмногу бара, иако сум во период кога не ми се патува многу. Размислувам во насока и со опциите што ги имам. Можеби, графичката мапа што ја подготвувам, ако најдам време, да ја подготвам збирката раскази до Нова година, можеби циклус платна или графичка новела, ќе видиме. Светот е отворен пред нас, мотивацијата е битна.












