четврток, септември 24, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Граѓаните плаќаат 3.000 евра за квадрат, а добиваат стан со влага, мувла,...

Граѓаните плаќаат 3.000 евра за квадрат, а добиваат стан со влага, мувла, без вентилација….

Граѓаните реагираат на квалитетот на новите градби, односно дека често не го добиваат она што е договорено од страна на инвеститорите. Ова го потврдуваат и градежните експерти, според кои високите цени на становите не се проследени секогаш со соодветен квалитет. Укажуваат на слаб надзор, пропусти во изведбата и на недоволна контрола при техничкиот прием. Бараат поголема одговорност од институциите и независен надзор за граѓаните да добијат сигурен и квалитетен дом за парите што ги даваат

70

Граѓаните плаќаат високи цени за станови во новоградба, но дел од нив, по вселувањето, се соочуваат со проблеми како влага, мувла, пукање на ѕидовите, неисправна вентилација и недостатоци во водоводната инсталација. Наместо безгрижно вселување во нов дом, тие се принудени да издвојуваат дополнителни средства за поправки. Прашањето што се наметнува е дали ги оправдува квалитетот на новоградбите високите цени што ги плаќаат граѓаните. Градежните експерти посочуваат дека една од причините за ваквата состојба е начинот на кој се организира градежниот надзор, бидејќи инвеститорот го ангажира надзорот. Тие сметаат дека поголемата независност во надзорот би можела да придонесе за подобар квалитет на новите градби.

Андреа Серафимовски, претседател на Здружението за градежништво при Стопанската комора на Македонија, смета дека ќе се подобри квалитетот на новите градби доколку надзорниот одбор го определува општината, а техничкиот прием го врши независна комисија составена од членови на општината, надзорниот одбор, Инспекторатот за градежништво и други надлежни институции.

– Не може инвеститорот сам да го одредува надзорниот одбор. Надзорниот одбор го доставува извештајот до општината, но општината во моментов нема механизам со кој може соодветно да ја провери неговата содржина и да утврди дали се исполнети сите стандарди за квалитет. Како што постојат јасно утврдени стандарди за квалитет на градбите од јавен интерес, така треба да постојат и стандарди за квалитет на високоградбата, односно на станбените објекти што ги купуваат граѓаните. Станува збор за објекти во кои луѓето вложуваат значителни средства и затоа е неопходно да има дополнителни механизми за контрола на квалитетот и на безбедноста на новоградбите. За таа цел, апелираме општината да има поголема улога во определувањето на надзорните одбори, со што би се обезбедиле поголеми независност и контрола врз процесот на изградба. На тој начин би можело да се влијае врз подобрувањето на квалитетот на новоградбите и да се зголеми заштитата на граѓаните како крајни корисници. Исто така, потребно е да се формираат независни комисии што ќе го вршат официјалниот технички прием на објектите. Комората на овластени архитекти и на овластени инженери има утврден ценовник за услугите, вклучително и за надзорот и за проектирањето. Општината може да склучи соодветни договори и да определи кој ќе го врши надзорот, со што би се обезбедиле поголема транспарентност, независност и одговорност во целиот процес – изјави Серафимовски за весникот ВЕЧЕР.

Освен тоа, Серафимовски апелира до граѓаните да бидат особено внимателни при изборот на стан и на инвеститор и пред да донесат одлука за купување, добро да се информираат за градежната компанија од која планираат да купат недвижност. Според него, треба да се избегнува купување станови од компании за кои немаат доволно информации или доверба, од инвеститори што немаат подолго искуство на пазарот, како и од индивидуални инвеститори, особено кога станува збор за значајна животна инвестиција.

– Граѓаните плаќаат и по 3.000 евра за квадратен метар и сосема оправдано очекуваат да добијат квалитетен и безбеден стан за тие средства. Кога е толку висока цената на квадратниот метар, купувачите очекуваат тоа што е договорено со инвеститорот и за што плаќаат да биде реализирано во целост. За жал, во многу случаи тоа не е така, па граѓаните подоцна се соочуваат со различни недостатоци и проблеми во новите станови. Токму затоа сметам дека е потребно да се воспостават посериозни механизми за контрола на квалитетот на новоградбите. Квалитетот на новите градби ќе се подобри доколку надзорниот одбор го определува општината, а техничкиот прием го врши независна комисија. На тој начин ќе има поголема контрола врз тоа дали е изграден објектот според проектот, прописите и договорените стандарди, а граѓаните ќе имаат поголема сигурност дека станот што го купуваат го има тој квалитет – додава Серафимовски.

Според градежниот експерт Никола Велковски, еден од клучните проблеми е тоа што значителен дел од приватните инвеститори претходно немале искуство во градежниот сектор. Тие влегуваат во градежништвото од други дејности, како инвеститори на една или повеќе локации, при што профитот често е примарен мотив.

– Голем дел од овие компании претходно не се занимавале со градежништво, туку со други дејности. Тие се појавуваат како инвеститори на една или на неколку локации, во зависност од можностите што ги имаат, а токму поради тоа често немаат доволно искуство и стручност во самиот процес на градење. Новите објекти, можеби, на прв поглед изгледаат убаво и современо, но недостатоците најчесто се забележуваат подоцна, откако ќе биде купен и вселен станот – изјави Велковски.

Тој посочува дека дополнителен проблем е недоволниот надзор во текот на изградбата, како и издавањето употребни дозволи без да бидат исполнети сите потребни стандарди. Според него, контролата мора да биде независна и континуирана, а не само формална процедура на крајот од изградбата.

– Основниот проблем е што и при изградбата на новите објекти, во многу случаи не се врши соодветен и континуиран надзор. Понекогаш инвеститорите, во обид побрзо да го завршат објектот и да остварат профит, ангажираат блиски лица или фирми како надзор, што ја доведува во прашање независноста на контролата. На хартија, можеби, сè е исполнето, но во практиката се појавуваат сериозни пропусти – вели Велковски за весникот ВЕЧЕР.

Тој смета дека треба да се бараат причините за ваквите состојби уште на самиот почеток на процесот, односно при изработката на проектот. Според него, при изборот на проектанти и изведувачи често е пресудна цената наместо стручноста, искуството и квалитетот што може да го понудат.

– Најчесто не се гледа кој е најстручен и кој има најмногу искуство, туку кој ќе ја заврши работата за најниска цена. Дополнителен проблем е што изведувачите многу често не се класични градежни компании со организиран стручен кадар, туку групи мајстори што работат без постојана контрола од инженер. И надзорот, кој треба да биде една од клучните алки за обезбедување квалитет, во многу случаи се сведува на формалност. Се ангажира лице само за да може на крајот да се изготви и потпише техничкиот извештај, додека во текот на самата изградба надзорот практично не е присутен. На тој начин, на хартија постојат и надзор и сите потребни документи, но во реалноста контролата на квалитетот изостанува – вели Велковски.

Од Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање (СГИП) сметаат дека проблемите со квалитетот на новоградбите, на кои граѓаните подолг период укажуваат, мора сериозно да се разгледаат и да се преземат конкретни мерки за нивно надминување. Оттаму посочуваат дека граѓаните плаќаат исклучително високи цени за квадратен метар, но во голем број случаи не ги добиваат квалитетот и условите што би требало да ги очекуваат за вложените средства.

– Се покажа дека новите градби не се толку квалитетни колку што би требало да бидат, особено ако се земат предвид цените што граѓаните ги плаќаат за еден квадратен метар. Во изминатиот период, цените на становите значително се зголемија, но трошоците за градежни материјали и за работна сила не пораснаа во иста мера како цената на квадратниот метар. Затоа се поставува прашањето каде завршува разликата и зошто граѓаните, за толку висока цена, не добиваат соодветен квалитет – изјави за весникот ВЕЧЕР Иван Пешевски, претседател на СГИП.

Тој додава дека не се однесува проблемот само на самиот стан и на квалитетот на изведбата туку и на условите за живот што ги добиваат граѓаните во новите населби. Според него, со изградбата на голем број станбени објекти, не секогаш се следи потребната инфраструктура и се обезбедуваат доволно јавни содржини.

– Плаќате и по 3.000 евра за квадратен метар, а во исто време немате соодветни паркови, зеленило, детски градинки, јавни површини и друга неопходна инфраструктура. Граѓаните не купуваат само четири ѕида, туку очекуваат да живеат во уредена и функционална средина. Затоа треба да се решаваат овие прашања системски, а не само кога ќе се појави проблем со некоја конкретна зграда.  отребни се јасни стандарди, поголема контрола и одговорност на сите што се вклучени во процесот на изградба – потенцира Пешевски.

Високите цени на становите не секогаш се проследени со соодветен квалитет на изведбата и соодветни услови за живот, што отвора сериозно прашање кај граѓаните за контролата на новоградбите. Експертите и претставниците на градежниот сектор укажуваат дека поголемиот и независен надзор, доследното почитување на градежните стандарди и независниот технички прием би можеле да придонесат за поголеми сигурност и квалитет на новите објекти.

За граѓаните, пак, што издвојуваат илјадници евра за квадратен метар за стан, останува очекувањето вложените средства да бидат гаранција не само за изгледот на објектот туку и за неговите безбедност, квалитет и функционалност. Оттука, потребен е посистемски пристап во кој инвеститорите, изведувачите, надзорните органи и институциите ќе имаат јасно дефинирани обврски и одговорности, а квалитетот на градбата ќе биде приоритет уште од проектирањето до финалниот технички прием.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ