Кога ќе ја ставиме платата на едната страна, а цената на горивото на другата, сликата е прилично јасна: Македонија има поевтино гориво од повеќето земји во регионот, но со минималната плата, еден возач може да си купи многу помалку гориво отколку во Словенија, Хрватска, Грција и дел од другите балкански држави. Затоа, ако сакаме реално да видиме како живее човекот на минимална плата, не е доволно да ја гледаме само цената на литар дизел или бензин. Треба да се има предвид колку литри можат да се наточат со цела минимална плата. Во Македонија, одговорот во моментов е околу 249 литри дизел или 263 литри бензин. Во Словенија, тоа е повеќе од двојно дизел и повеќе од двојно бензин. И токму таа разлика многу подобро ја покажува разликата во куповната моќ отколку самата цена што ја гледаме на таблата на бензинската пумпа. Токму поради малата куповна моќ што ја дава минималната плата, од Сојузот на синдикатите на Македонија деновиве пуштија пробен балон – наместо досегашното барање за 600 евра минимална плата, износот да се искачи на 800 до 850 евра
Кога ќе се стават на едно место минималната плата и цената на горивото, многу полесно се гледа колку навистина може да си дозволи еден возач во регионот кога го полни резервоарот на својот автомобил, комбе, камион или автобус. Затоа што, не е исто дали литар дизел чини 1,70 или 2 евра – важно е и колку пари имаш во џебот на крајот од месецот.
Во Македонија, минималната нето-плата е околу 424 евра. Под претпоставка дека минималната плата се троши само за купување гориво, со тие пари, чисто математички, кај нас можат да се купат околу 249 литри дизел. Ако се стави бензин 95, излегуваат околу 263 литри.
Минималецот и горивата
Анализата што ја направи весникот ВЕЧЕР покажува дека со цената на горивата и сегашната минимална плата што се исплаќа кај нас, Македонија е осма од деветте земји што ги споредуваме. Зад нас е само Албанија. На врвот е Словенија. Таму минималната плата е околу 1.000 евра, па со една таква плата може да се купат околу 504 литри дизел. Тоа е повеќе од двојно отколку кај нас. Со бензин, разликата е уште поголема – околу 576 литри во Словенија, наспроти 263 кај нас. Хрватска е на околу 434 литри дизел, Грција на 376, Црна Гора на 315, Србија на 289, БиХ на 278, а Косово на околу 271 литар. Во Албанија со минималната плата може да се купат околу 218 литри дизел.
Кај бензинот со 95 октани, еден возач во Хрватска со својата минимална плата ќе може да наточи околу 476 литри, во Црна Гора 357, во Грција 350, на Косово 340, во Србија 330, а во БиХ околу 319 литри. Македонија повторно е при дното со 263 литри, а Албанија со околу 234 литри е последна.
На прв поглед, можеби изгледа чудно што Македонија е толку ниско, бидејќи горивото кај нас не е најскапо. Напротив. Дизелот кај нас е околу 1,70 евро за литар, а бензинот околу 1,61 евро, што е меѓу пониските цени во регионот. Но, математиката покажува дека тоа што литарот е поевтин не вреди многу ако минималецот е низок. Ова ќе го илустрираме со наједноставниот пример. Така, во Словенија, дизелот е околу 2,01 евро и е поскап откај нас. Но, Словенецот на минимална плата има месечно примање од околу 1.000 евра, додека Македонецот има околу 424 евра. Затоа, и покрај поскапиот дизел, во Словенија, со минималната плата може да се наточат околу 504 литри, а кај нас 249.
Истото е и со бензинот. Разликата во цената на литар не е голема – околу 1,61 евро кај нас и 1,76 во Словенија. Но, разликата во платата е огромна. И затоа едниот работник може да наточи околу 576 литри, а другиот 263.
ВМРО-ДПМНЕ: имаме најниски цени на дизел и бензини
Деновиве од ВМРО-ДПМНЕ истакнаа дека мерките на Владата за време на енергетската криза даваат резултати, а Македонија има најниски цени на горивата во регионот. Споредбата ги покажува разликите во цените на бензин и дизел во регионот, при што цените кај нас се значително пониски. Од ВМРО-ДПМНЕ ги поврзуваат овие бројки со мерките што ги презема Владата. Посочуваат дека меѓу нив се намалувањето на ДДВ и акцизите, што, според нив, влијае врз цената што граѓаните ја плаќаат на бензинските пумпи.
Од ВМРО-ДПМНЕ како пример ја посочуваат цената на бензинот 95. Според нивната споредба, во Македонија литар се продава за 99 денари, додека во Грција е 129 денари, во Албанија 126, во Србија 108, во Хрватска 107, во Црна Гора и Словенија по 106, а во Босна и Херцеговина 104 денари. Слична е споредбата и кај дизелот. Од партијата наведуваат дека кај нас литарот чини 104,5 денари, додека во Албанија е 147 денари, во Грција 126, во Србија 124, во Словенија 122, во Хрватска 119, во Црна Гора 117, а во БиХ 116 денари.
– Овие цени се доказ дека добро испланираните и променети мерки за намалување на цените, како што е намалување на ДДВ и акцизите, даваат резултати и ги држат под контрола малопродажните цени – велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Затоа, кога ќе слушнеме дека „горивото кај нас е евтино“, приказната не завршува тука. За обичниот човек е поважно колку литри може да наточи со платата што ја зема. А според оваа пресметка, македонскиот работник на минимална плата може да си дозволи околу 249 литри дизел или 263 литри бензин што е помалку од работниците во речиси сите останати споредбени земји во регионот.
Минималец до 850 евра?
Важно е да се нагласи дека никој не ја дава целата плата за гориво. Од тие пари треба да се платат сметки, храна, евентуално кредит, да се купи нешто за дома и да остане за секојдневниот живот. Затоа оваа споредба е интересна бидејќи на едноставен начин покажува колку навистина „тежи“ една минимална плата.
Оценувајќи дека со сегашниот минималец веќе тешко може да се покријат основните трошоци за живот, од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) го креваат барањето за минималната плата на 800 до 850 евра. Досегашното барање на синдикатите беше минималната плата да биде 600 евра, но во меѓувреме, според нив, поскапувањата го направија и тој износ недоволен.
Синдикатите особено предупредуваат на растот на цените на горивата. Поскапиот бензин и дизел, според нив, не го погодуваат само возачот кој оди на бензинска, туку се прелеваат и во останатите трошоци. Поскапиот превоз значи и повисоки трошоци за фирмите, а тоа може да се одрази и врз цените на производите и услугите.
(С. Бл.)












