Синоќа избувна пожар во копнената станица за сателитски комуникации на „Старлинк“ во централна Полска – која обезбедува поврзаност за регионот, вклучително и за Украина – а системите сега се повторно во функција, изјави полскиот вицепремиер Кшиштоф Гавковски.
Гавковски изјави дека пожарот го зафатил енергетскиот објект и еден генератор и оцени дека постои сомнеж оти станува збор за „намерен чин на саботажа“ со цел да се онеспособи станицата и да се прекине интернет-поврзаноста за разни институции, вклучително и за украинската војска, пренесе Ројтерс.
„Иако денес сè функционира, мораме да признаеме – како што неодамна истакна полскиот премиер Доналд Туск – дека ова е елемент на хибридна војна“, рече Гавковски.
Објектот е управуван од полскиот државен телекомуникациски оператор Exatel и претставува еден од јазлите преку кои се обезбедува интернет-конективност низ Полска и кон Украина. Starlink има особено значење за Украина од почетокот на руската инвазија. Сателитската мрежа се користи како алтернативна комуникациска инфраструктура кога традиционалните мобилни и фиксни мрежи се оштетени или прекинати.
BREAKING: Fire at Starlink station in central Poland ‘sabotage’, minister says pic.twitter.com/UFZ5JuVmKS
— Insider Paper (@TheInsiderPaper) September 24, 2026
Според Гавковски, евентуално онеспособување на ваквите станици би можело да има последици многу пошироки од обичен прекин на домашниот интернет. Тој предупреди дека без интернет може да биде нарушено функционирањето на различни дигитални услуги, наведувајќи ги како пример и банкоматите.
Добрата вест е дека системите веќе се повторно оперативни, според информациите што Гавковски ги соопшти во четвртокот.
Случајот, сепак, не го истражуваат само локалните пожарникари и полицијата.
Полските медиуми јавуваат дека за инцидентот биле известени Агенцијата за внатрешна безбедност (ABW) и Централното биро за полициски истраги. Првичните информации укажуваат дека се разгледува можноста напојувањето намерно да било запалено.
Полска е во зголемена готовност поради можни саботажи откако Русија ја започна целосната инвазија врз Украина во 2022 година. Москва повеќепати негираше вмешаност во такви операции.












