вторник, август 11, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Возачите чекаат решение на 1 септември во Брисел – ако нема договор,...

Возачите чекаат решение на 1 септември во Брисел – ако нема договор, ќе следуваат протести

Околу 17.000 професионални возачи од земјава се соочуваат со неизвесност околу правилото 90/180 за престој во Шенген-зоната. Превозниците бараат прецизно и еднакво толкување на правилото и рок за решавање на проблемот. Велат дека неизвесноста веќе влијае врз работата на возачите, од кои дел одбиваат да возат поради страв од проблеми на границите. Доколку не се најде решение на состанокот во Брисел, најавуваат протести, кои, како што велат, овој пат ќе траат до исполнување на нивните барања

0

Проблемот со престојот на професионалните возачи од Западен Балкан во Шенген-зоната и понатаму останува нерешен. Превозниците даваат рок до 1 септември, за кога во Брисел е закажан состанок со претставниците на Европската комисија, по што ќе стане јасно дали ќе има решение или ќе следуваат нови протести.

Превозниците велат дека не сакаат да протестираат, но доколку не се најде решение, ќе бидат принудени да излезат на улица. За разлика од претходниот пат, најавуваат дека евентуалните протести нема да бидат прекинати сè додека не бидат исполнети нивните барања.

– Ќе бидеме трпеливи и ќе се трудиме да направиме шеми за движење на возачите. Сега е период на годишни одмори, меѓутоа она што следува од септември натаму ќе биде многу трагично ако не најдеме решение. Не сакаме никому да му наштетиме, ниту на Европската Унија ниту на нашите држави, а најмалку на нас, самите превозници, но ако сме принудени, ќе организираме протести со кои уште еднаш ќе ги потсетиме сите дека постои проблем што треба да се реши – изјави Биљана Муратовска, генерален секретар на Асоцијацијата на превозници „Макамтранс“.

Клучното барање е професионалните возачи да можат прецизно да го користат дозволениот престој од 90 дена во последните 180 дена. Превозниците не бараат промена на правилото, туку инсистираат да се применува тоа еднакво и без различно толкување на граничните премини.

Тие бараат денот да се пресметува како ден, часот како час и да можат да ги искористат сите 90 дена на кои имаат право. Бараат и прецизен рок во кој ќе биде решен нивниот проблем.

– Ги бараме своите 90 полни дена. Ако останат на тоа денот на влез да се пресметува како прв ден, а денот на излез како втор ден, тогаш сме во сериозен проблем. Ние не сме обични граѓани што туристички одат во државите од Шенген-зоната, туку сме професионалци што секојдневно, зависно од должината на турата, работат – нагласи Неџо Мандиќ од Србија.

Според него, неизвесноста веќе има сериозни последици врз транспортниот сектор. Околу 50 проценти од возачите одбиваат да возат, бидејќи не знаат што ги очекува на границата и како ќе биде толкувано правилото 90/180.

– Зависиме од поединци на граница и од начинот на кој ја толкуваат одлуката. Имаме тотална неизвесност. Возачите тргнуваат на пат и знаат дека го немаат потрошено времето, но кога ќе дојдат таму, еден ќе им каже едно, друг друго. Еден ќе ги пушти, друг нема. Во суштина, возачот знае дека не направил прекршок – вели Мандиќ.

Проблемот засега околу 17.000 професионални возачи од Македонија, а на ниво на цел Западен Балкан, бројот достигнува околу 100.000.

Сега сите очи се вперени кон состанокот во Брисел на 1 септември. Превозниците очекуваат конкретно решение, во спротивно, велат дека протестите ќе бидат неизбежни.

 

ИЗДВОЕНИ