Од 12 до 19 август, со десетмина уметници и под мотото „Галичник како медиум“, ќе се одржи 37. издание на ликовната колонија „Галичник“. Како што вели за весникот ВЕЧЕР Ана Франговска, уметничката директорка на ликовната колонија, со овој концепт Галичник не се третира само како амбиент во кој уметниците престојуваат и создаваат, ниту само како извор на инспирација, туку како активен чинител во самиот уметнички процес. – Уметникот да не дојде во Галичник само за да реализира однапред замислено дело, туку за да дозволи средбата со местото да интервенира во неговиот процес, па дури и да ја промени првичната идеја – додава Франговска
Под мотото „Галичник како медиум“ и со учество на десетмина уметници од Македонија и од регионот, од 12 до 19 август ќе се одржи 37. издание на ликовната колонија „Галичник“.
Концептот на годинашното издание – „Галичник како медиум“ – го поставува селото не како инспиративна сценографија, туку како активен медиум на уметничкото создавање. Според организаторите, планината, камената архитектура, природата, светлината, звуците, тишината, традицијата, локалните жители и колективната меморија стануваат рамноправни чинители во креативниот процес, а уметниците не доаѓаат само да создаваат дела во Галичник – тие создаваат со Галичник, претворајќи го просторот во жива лабораторија за современа уметност.
Како што додава за весникот ВЕЧЕР уметничката директорка на ликовната колонија, Ана Франговска, со овој концепт Галичник не се третира само како амбиент во кој уметниците престојуваат и создаваат, ниту само како извор на инспирација, туку како активен чинител во самиот уметнички процес.
– Галичник станува и простор и материјал, и контекст и соговорник. Неговите пејзаж, архитектурата, традицијата, колективната меморија, локалната заедница, но и празнините што ги создаваат иселувањето, демографското исчезнување и сезонското оживување на селото, се потенцијални точки од кои може да започне уметничкото истражување – посочува Франговска.
Таа истакнува дека оттука произлегла и идејата за Галичник како „медиум“.
– Уметникот да не дојде во Галичник само за да реализира однапред замислено дело, туку за да дозволи средбата со местото да интервенира во неговиот процес, па дури и да ја промени првичната идеја. На тој начин Галичник не е сценографија на колонијата, туку нејзин активен учесник – вели таа.
Франговска посочува и дека, како организатори на ликовната колонија, секоја година се обидуваат Галичник да предизвика поинаква интеракција со уметниците и со нивните современи уметнички практики, поставувајќи како платформа актуелни теми и проблематики што не само што се дел од глобалниот контекст туку се и особено горливи и во нашето општество – теми што бараат преиспитување, критичко промислување и, како што вели, културна артикулација на социјалниот рев.
– Годинава направивме еден чекор понатаму, повторно враќајќи го самиот Галичник во фокусот на интересот – вели таа.
Инаку, и оваа година Колонијата ги задржува својот силен меѓународен карактер и исклучителната селекција, обединувајќи уметници со различни генерациски, културни и медиумски искуства. Заедно со Галичник годинава ќе творат: Нина Тодоровиќ (Србија), Радостин Седевчев (Бугарија), Зденко Бужек (Хрватска), Арт Чибукчиу (Косово), Клеменс Гахтер (Австрија), Предраг Терзиќ (Србија), Фук Нгујен (Виетнам / Холандија), Сами Каваниши (Јапонија), Елпида Хаџи-Василева и Кристина Пулејкова од Македонија. Нивните нови дела ќе станат дел од колекцијата на Колонијата и ќе бидат претставени на биеналната изложба во 2027 година.
– Годинашната група е исклучително интернационална и ги поврзува уметниците од Македонија и од регионот. Изборот беше директно поврзан со концептот. Не барав уметници што работат во еден медиум или ѝ припаѓаат на една генерација, туку токму спротивното – различни авторски позиции, искуства и културни контексти – вели Франговска.
Таа додава дека географската разновидност, сепак, сама по себе не била критериум.
– Поважно ми беше во нивните практики да постои чувствителност кон просторот, природата, меморијата, идентитетот, заедницата, материјалот и различните форми на истражувачката и интердисциплинарна работа. Стремев да создадам хетерогена група. Некои од уметниците работат со инсталација, други со фотографија, видео, објект, цртеж, сликарство или природни и локални материјали, а кај дел од нив самиот процес и истражувањето се поважни од однапред дефинираниот краен резултат. Секако, покрај концептуалната соодветност и разновидноста на авторските позиции, квалитетот и континуитетот на уметничката практика се една од клучните нишки што ја водат селекцијата – истакнува Франговска.
Според неа, Колонијата настојува да обедини автори со изградени и релевантни практики, но и со потенцијал меѓусебно да се предизвикаат, надополнат и да отворат нови дијалози.
– Особено ми е важна и нивната подготвеност за размена. Колонијата не ја гледам како едноставен престој на десетмина уметници во исто време и на исто место. Таа треба да создаде привремена заедница. Затоа во програмата имаме меѓусебни презентации и разговори, јавни средби со локалната заедница, работилница со деца, заеднички прошетки и истражувања. Делата што ќе произлезат од престојот се важни, но подеднакво ми е важен и процесот што ќе доведе до нив – вели таа.
Воедно, особена вредност на Колонијата претставува и нејзината отвореност кон јавноста. Покрај творечкиот процес, програмата вклучува презентации и разговори со уметниците (14 и 15 август), како и традиционална работилница со деца (16 август), со што современата уметност се доближува до пошироката публика и станува дел од секојдневниот културен живот.

Прашана какви се реакциите, доживувањата и импресиите во однос на Галичник на досегашните уметници што биле дел од Колонијата, таа истакнува дека Галичник речиси никого не остава рамнодушен.
– Но, реакциите никогаш не се исти. За некого првата средба е со спектакуларноста на пејзажот и чувството на изолираност, за друг со архитектурата, тишината или специфичниот ритам на живот, додека некој многу побрзо ги препознава историјата, иселувањето и необичниот контраст меѓу некогашната бројна заедница и денешното сезонско оживување на селото – вели Франговска.
Таа истакнува и дека за странските уметници, Галичник често е искуство што тешко може однапред да го замислат.
– Фотографиите може да го покажат пејзажот, но не може да ги пренесат чувството на просторот, промената на светлината, звукот, мирисот, временските услови или начинот на кој се менува селото во текот на денот. Она што го забележувам низ годините е дека по неколку дена, првичната фасцинација со визуелната убавина почнува да му отстапува место на едно многу послоевито читање на Галичник. Тогаш се отвораат прашањата за меморијата, припадноста, миграцијата, традицијата и современоста, односот човек – природа, но и прашањето како ја чува едно место сопствената култура во услови кога неговата секојдневна заедница постепено се менува – додава Франговска.
Истакнува и дека токму од тие искуства на некој начин произлегува и годинашниот концепт „Галичник како медиум“.
– По 37 години и повеќе од 400 уметници што поминале низ Колонијата, станува јасно дека Галичник никогаш не бил само сценографија за создавање уметност. На различни начини, тој отсекогаш влегувал во делата, процесите и искуствата на уметниците. Годинава само решивме да ја освестиме таа негова улога и експлицитно да ја поставиме во центарот на кураторскиот концепт – вели уметничката директорка на Ликовната колонија, додавајќи дека постојат места што инспирираат уметност, но постојат и ретки места што самите стануваат уметност, а таков е Галичник.
Инаку, „Галичник“ е една од најреномираните традиционални меѓународни уметнички колонии во земјава и платформа за современа визуелна уметност во регионот. Секој нејзин двегодишен циклус завршува со репрезентативна биенална изложба и со каталог, кои ги документираат новосоздадените дела и претставуваат траен запис за секое издание. Нејзината богатата колекција создадена низ годините претставува значаен сегмент од македонското современо културно наследство. (Н. И. Т.)
Легенда 2: Ана Франговска












