среда, ноември 11, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА ВИ ги промени правилата на игра: Рекордна невработеност меѓу високообразованите луѓе во...

ВИ ги промени правилата на игра: Рекордна невработеност меѓу високообразованите луѓе во Германија

0

Невработеноста меѓу високообразованите граѓани во Германија достигна рекордно ниво – особено кај младите – во услови на слаб економски раст и сè поширока примена на вештачката интелигенција. Според податоците на Сојузната агенција за вработување, во август 372.000 лица со високо образование биле без работа, што претставува продолжување на петгодишниот тренд на пораст на невработеноста во оваа група.

Сепак, универзитетската диплома сè уште нуди предност на пазарот на трудот. Во 2025 година, стапката на невработеност кај високообразованите изнесувала 3,3 отсто, во споредба со 3,6 отсто кај оние со завршено стручно образование. Кај лицата без формални професионални квалификации, стапката достигнала над 21 отсто, пренесува dpa.

Нивото на невработеност варира и во зависност од областа на студирање. Меѓу дипломираните во области поврзани со образованието, стапката била под два отсто; за дипломираните во хуманистичките науки изнесувала 4,6 отсто, а за инженерите – 3,8 отсто. Младите луѓе кои тукушто влегуваат на пазарот на трудот се особено ранливи.

Сепак, Сојузната агенција за вработување смета дека е малку веројатно вештачката интелигенција целосно да ги замени постоечките професии. Но, германскиот индустриски гигант „Сименс“ предупреди дека зголемената употреба на вештачка интелигенција би можела да ги загрози почетните работни позиции, со што младите би можеле да останат без можност да стекнат практично искуство. Директорката за човечки ресурси и одржливост во „Сименс“, Џудит Визе, предупреди дека вработените би можеле да останат без важни вештини доколку немаат можност самостојно да извршуваат задачи и постепено да напредуваат.

Како пример, таа го наведе развојот на софтвер, каде што вештачката интелигенција сè почесто пишува едноставен, но и посложен код. Затоа, програмерите мора да знаат како критички да ги проценуваат резултатите и да ги препознаваат грешките.

„Клучното прашање секогаш е: што морам сам да направам, да проверам и да видам, за вештачката интелигенција да не ме доведе во заблуда?“, изјави Визе, нагласувајќи ја важноста на практичната работа за младите вработени.

ИЗДВОЕНИ