Нема одложување на еколошките обврски за индустријата, Законот за контрола на индустриските емисии ќе почне да се применува од септември 2027 година, без можност за одложување на обврските за компаниите, порача заменик-министерката за животна средина и просторно планирање Ане Лашкоска на панел-дискусијата „Рударство, развој и животна средина“, во рамки на стручното советување ПОДЕКС–ПОВЕКС во Охрид.

Со новите законски одредби, рударските и индустриските капацитети ќе треба да ги усогласат своите активности со еколошките стандарди, преку примена на најдобрите достапни технологии, исполнување на условите во дозволите и редовно следење на емисиите. Лашкоска информираше дека досегашните средби со сопствениците и менаџерите на индустриските капацитети покажале дека компаниите се запознаени со новите обврски, а потребните инвестиции ќе зависат од дејноста и технологијата што ја користат.

Таа нагласи дека економското значење на рударството не смее да биде оправдување за занемарување на заштитата на животната средина. Најави и засилен инспекциски надзор врз рударските и индустриските субјекти, како и поголема транспарентност и вклученост на јавноста во процесите на одлучување.

-Oна што можам да го ветам е уште позајакнат надзор во наредниот период – истакна Лашкоска.

За градоначалникот на Пробиштип и поранешен директор на рудник, Тони Тоневски, важен предуслов за развојот на рударските средини е постоењето активен концесионер кој инвестира во локалната заедница и придонесува за економскиот развој. Тој посочи дека довербата меѓу компаниите, институциите и граѓаните може да се гради само преку отворена комуникација, транспарентност и одговорно решавање на проблемите, без нивно прикривање или одложување.

 

 

 

ИЗДВОЕНИ