среда, ноември 11, 2026
Дома МАГАЗИН Работа од соништата или екстремен предизвик? НАСА бара луѓе што ќе живеат...

Работа од соништата или екстремен предизвик? НАСА бара луѓе што ќе живеат на Месечината

0
EPA/CRISTOBAL HERRERA-ULASHKEVICH

Американската вселенска агенција, НАСА, отвори пријавување за нова генерација астронаути, повикувајќи ги американските државјани да аплицираат за можноста да живеат и работат на Месечината.

Рокот за пријавување трае до 3 декември, а бројот на достапни места е ограничен. Годишната плата изнесува 164.395 долари, а од избраните кандидати ќе се бара да се преселат во Хјустон за да работат во Вселенскиот центар „Џонсон“, пренесува CBS News.

Овој избор на нова генерација астронаути е дел од плановите на САД за воспоставување база на Месечината и испраќање мисии со екипаж на нејзината површина.

„Поединците што ќе ги избереме би можеле да чекорат по Месечината, да живеат и работат во лунарна база и да помогнат во развојот на системите и операциите кои на крајот ќе ги однесат екипажот на Марс“, изјави администраторот на НАСА, Џеред Ајзакман.

Кандидатите мора да исполнуваат строги образовни критериуми. Барањата вклучуваат: магистерска диплома по инженерство, биологија, физика, компјутерски науки или математика; најмалку две години докторски студии во овие области; диплома по медицина или еквивалентна професионална медицинска квалификација; или завршена програма во признато училиште за пробни пилоти до јули 2027 година.

Дополнително, кандидатите мора да имаат најмалку три години професионално искуство по завршувањето на студиите или обуката за летање. Од пилотите се бара да имаат значителен број часови на летање, додека кандидатите со оперативно искуство мора да имаат најмалку три години работа во високоризични средини, кои бараат брзо донесување одлуки и интензивна тимска работа.

Од избраните кандидати ќе се бара да поминат медицински и психијатриски прегледи, безбедносна проверка, како и тестирање за присуство на недозволени супстанци. Видот мора да биде совршен или коригиран до 100 проценти на двете очи, а кандидатите мора да исполнуваат и строги физички критериуми, вклучително и тест за пливање.

НАСА очекува идните астронаути да бидат подготвени за работа во опасни ситуации, како и за престој во изолирани и тесни простори во текот на подолг временски период. Ова може да подразбира престој од 12 или повеќе месеци во вселената, проследен со екстремна изолација, скромни услови за живот и одвоеност од семејството и пријателите.

ИЗДВОЕНИ