Русија е е меѓу најголемите победници во раните денови од најголемата американска војна на Блискиот Исток во последните децении. Иранските ракети брзо ги осиромашуваат залихите на пресретнувачи „Патриот“, а овие ракети се исто така клучни за одбраната на Украина, пишува „Волстрит журнал“.
Дури и пред операцијата против Иран, тесните грла во производството на системот „Патриот“ ги исцрпија украинските резерви и ги ставија европските сојузници на повеќегодишни листи на чекање. Како резултат на тоа, Русија периодично правеше дупки во украинската воздушна одбрана, ја погодуваше енергетската инфраструктура и предизвикуваше прекини на електричната енергија во градовите, пренесе „Индекс“.
Во раните денови од војната, САД и земјите од Заливот лансираа стотици пресретнувачи за да ги одвратат иранските напади со балистички ракети и беспилотни летала. Аналитичарите проценуваат дека земјите од Заливот, во случај на продолжени напади, имаат залихи само за неколку дена.
Тоа би можело да го принуди Вашингтон да ги повлече пресретнувачите од своите залихи во Индо-пацифичкиот и други региони, ослабувајќи го присуството на САД на други места.
Иран истрелал повеќе од 500 балистички ракети и 2.000 беспилотни летала од почетокот на операцијата, изјави во среда претседателот на Здружениот штаб на американските вооружени сили, генерал Ден Кејн. Тој додаде дека САД имаат доволно муниција за операцијата против Иран.
Целото американско производство на најнапредниот пресретнувач PAC-3 на „Локид Мартин“ за 2025 година беше нешто над 600 ракети. Обично се потребни најмалку два пресретнувачи за да се собори балистичка ракета, а трета или повеќе често се лансираат ако првиот обид не успее.
Производството на еден пресретнувач трае со месеци, а деловите доаѓаат од целите САД и од странство, вклучително и од Шпанија.
„За нас, ова е прашање на живот и смрт“, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски. Во понеделникот, тој рече дека контактираше со европските партнери кои финансираат воена помош за Украина за да види дали конфликтот со Иран дополнително ќе ги ограничи испораките.
Најголемата закана за Украина се руските балистички ракетни напади, а единственото ефикасно решение е системот „Патриот“, изјави полковник Павло Јелизаров од украинските воздухопловни сили. Според проценките на украинските и западните разузнавачки служби, Русија сега може да произведува околу 80 балистички ракети месечно.
Украина проценува дека ѝ се потребни најмалку 60 пресретнувачи PAC-3 месечно за да ги следи руските напади. Во февруари, германскиот министер за одбрана Борис Писториус ги повика европските членки на НАТО да донираат ракети, по апелот на украинскиот министер Михаил Федоров. Досега, дефинитивно се ветени само пет ракети, и тоа од Германија.
Недостатокот на пресретнувачи би можел да ги загрози и мировните преговори бидејќи западните безбедносни гаранции за Украина вклучуваат зајакнување на воздушната одбрана, предупредуваат европските и украинските преговарачи. Русија лансира стотици дронови од типот „Шахед“ секој ден, кои масовно ги произведува по договорот за трансфер на технологија со Техеран од 2023 година.
На „Трут Сошл“, Трамп го обвини претседателот Бајден за обемните испораки на напредна муниција во Украина и го спореди Зеленски со циркускиот промотор П. Т. Барнум.
Службениците за разузнавање и одбрана велат дека Кина, Русија и Иран внимателно ги следат трошоците за пресретнувачи, а нивните доктрини сè повеќе се потпираат на масовно производство на евтини беспилотни летала и балистички ракети за да ги исцрпат западните залихи.
И покрај големата побарувачка, производството порасна само скромно. „Рејтион“ го произведува системот „Патриот“, а „Локид Мартин“ пресретнувачите, со годишно производство од околу 600 ракети. Компанијата најавува раст до 2.000 пресретнувачи годишно до крајот на 2030 година.
„Тековните стапки на производство, заедно со неодамнешните трошоци, не изгледаат добро за растечките потреби на Украина“, рече Мајкл Кофман од Фондацијата „Карнеги“.
Во 2024 година, Германија нарача осум нови системи „Патриот“ по цена од околу 2 милијарди евра по систем, но сè уште не добила приближен датум на испорака.












