
Не се очекува ескалацијата на конфликтот во Иран да предизвика масовна миграција кон Европа, соопшти Европската комисија. Комесарот за миграција на ЕУ, Магнус Брунер, по разговорите со шефот на турската дипломатија Хакан Фидан, истакна дека Турција „ги затворила границите кон Иран“. Toj пред три дена рече дека сè уште не се забележани значајни движења на надворешните граници на Иран, но оти ситуацијата се следи и се контактира со партнерите од Блискиот Исток и со меѓународните организации.
Сепак, стравот од нов бран бегалци и тоа огромен, постои. Специјализираната агенција на ЕУ за азил објави дека прилив на бегалци е можен дури и при делумна дестабилизација, наведувајќи дека барањата за азил во Европската Унија минатата година се намалиле за речиси 20 проценти.
– Со население од околу 90 милиони, дури и делумна дестабилизација би можела да влијае на бегалските бранови од невидени размери, се истакнува во извештајот на Агенцијата за азил на ЕУ, составен пред почетокот на војната.
Авторите на извештајот наведуваат дека раселување на само 10 проценти од иранското население би можело да се спореди со најголемите бегалски бранови во последните децении. АФП побарала од Агенцијата да ја ажурира својата процена по избувнувањето на војната, но оттаму одговориле дека „ситуацијата е сè уште многу нестабилна и би било неодговорно да се даваат хипотетички изјави“.
Бројот на барања за азил поднесени од Иранци во Европа во моментов е доста низок. Во текот на 2025 година, имало 8.000, што е далеку помалку од барањата поднесени од Авганистанци (117.000) или Венецуелци (91.000). Нападите врз Иран од страна на САД и Израел досега не предизвикаа масовен егзодус. Но, „размерот на потенцијалниот ризик е значителен“, смета Агенцијата за азил на ЕУ, особено со оглед на тоа што Иран е земја со една од најголемите популации на бегалци во светот, ситуација што веројатно би можела да предизвика вистинска каскада на раселување. Сепак, авторите на извештајот забележуваат дека сценариото за голем бран ирански бегалци во моментов е шпекулативно. Ова значи дека протераните ќе поминат низ Турција, а потоа ќе продолжат кон Европа.
Во текот на 2025 година, земјите од ЕУ и нивните соседи (Норвешка и Швајцарија) примија приближно 822.000 барања за азил, што е намалување од 19 проценти во споредба со претходната година. Овој пад следува по намалувањето од 11 проценти во 2024 година. Падот забележан во 2025 година во голема мера може да се објасни со намалувањето на бројот на барања поднесени од Сиријците, по соборувањето на Башар ал-Асад на крајот на 2024 година.
Бројот на баратели на азил никогаш не го достигна нивото од 2015 година, кога стотици илјади Сиријци, бегајќи од војната, пристигнаа во Европа.











