Иран употребил напредни балистички ракети опремени со маневрирачки боеви глави во нападите врз американски бродови, додека високи советници на американскиот претседател Доналд Трамп ја проценуваат можноста војната да потрае до крајот на неговиот мандат, објави „Волстрит џурнал“, повикувајќи се на неименувани извори.
Според овие извори, иранските обиди за напад врз американските воени бродови биле поблиску до успех отколку во минатото, благодарение на употребата на напредни ракети способни да ја менуваат својата траекторија и да гаѓаат пловни објекти во движење.
„Волстрит џурнал“ пренесува дека високите советници на Трамп зад затворени врати разговарале со претседателот за можноста конфликтот со Иран да продолжи во текот на остатокот од неговиот мандат.
Американскиот потпретседател Џ.Д. Венс, државниот секретар Марко Рубио и други официјални лица разговарале со Трамп за можноста Иран да продолжи да му се спротивставува на американскиот притисок – сценарио што би можело да го продолжи конфликтот дури и по инаугурацијата на следниот претседател во 2029 година.
Според весникот, Трамп често им кажува на своите соработници дека сака брз крај на војната, но истовремено поддржува долгорочна економска блокада на Иран за да го принуди раководството на земјата да се откаже од својата нуклеарна програма.












