Зоонегувателот Сашо Панчев, кој го успал животното и потоа безбедно го однел во карантинскиот дел на скопската Зоолошка градина, ја раскажа за весникот ВЕЧЕР целата приказна околу вчерашното случување. Тој истакна дека по физиономијата и по сите карактерни црти, животното личи на волк, но оти допрва ќе се утврдува дали е чист волк или е мелез. И од АХВ појаснија дека нејзините ветеринари ќе направат вонреден инспекциски надзор во Зоолошката градина за да се утврдат видот на заловеното животно и неговиот здравствен статус. Притоа, ги демантираа информациите што се појавија во медиумите дека Агенцијата известила оти животното не е волк, туку куче кое било чипирано и кое сопственикот бара да му биде вратено
За животното од Козле чии фотографии вчераечер на големо се споделуваа на социјалните мрежи, сè уште не се знае дали е волк и куче. Во текот на денешниот ден, некои медиуми објавија информација дека според Агенцијата за храна и ветеринарство, тоа е куче кое е чипирано и чии сопственици веќе го бараат. Но, веднаш беше демантирано тоа од Агенцијата.
-Ги демантираме наводите објавени на неколку интернет- портали дека АХВ дало изјава во врска со заловеното животно во скопската населба Козле, за кое се претпоставуваше дека е волк, односно дека е домашен миленик – куче, кое е чипирано и за кое сопственикот бара да му биде вратено – соопштија од Агенцијата.
Притоа, појаснија дека од страна на официјални ветеринари на АХВ во текот на денот ќе биде спроведен вонреден инспекциски надзор во Зоолошката градина со цел утврдување на видот на заловеното животно и неговиот здравствен статус.
Сашо Панчев, главен зоонегувател, кој лично го заловил животното од Козле и безбедно го пренел во Зоолошката градина, каде што сега е сместено во карантинскиот дел, ја раскажа за весникот ВЕЧЕР целата приказна околу вчерашното случување.
Како вработен во Зоолошката што ракува со опремата за успивање животни, тој е 24/7 достапен за потребите на оваа установа. Тој во 23:00 часот добил повик од Град Скопје дека на улицата „Митрополит Теодосиј Гологанов“ е пронајден волк, според пријава од граѓани.
– Граѓани пријавиле во Министерството за внатрешни работи, а оттаму, пак, во Град Скопје, од каде што ми се јавија мене. Како стручно лице, веднаш отидов во Зоолошката градина да ја земам опремата за успивање животни и со комбето за транспорт отидов до местото каде што е животното. Тоа имаше синџир околу вратот со кој полицијата го беше врзала за дрво, за да не побегне, што е доказ дека некој го чувал во домашни услови и, најверојатно, избегало од дома. Го успав животното, бидејќи тоа е најбезбедно и го сместив во комбето со кое го пренесов во Зоолошката градина. Сега тоа е сместено во карантинскиот дел – раскажа Панчев.
Тој додава дека по физиономијата и по сите карактерни црти, животното личи на волк, но оти допрва ќе се утврдува дали е чист волк или е мелез.
– Чекаме да дојде тим од Агенцијата за храна и ветеринарство за да се утврди за што точно станува збор. Има многу кучиња што имаат иста физиономија со волците, па затоа ќе се направат испитувања – вели Панчев.
Воедно, како што нагласи, на животното ќе му се направат сите прегледи за да се утврди неговата здравствена состојба.
Портпаролката во Зоолошката градина, Тина Мицковска, објави на „Фејсбук“ дека животното било токму пред нејзината зграда.
– Беше токму пред мојата зграда во Козле, спроти маркетот „Веро 2“, дојде како да бара спас… Избегал од некаде каде што несовесно се изживувале и чувале волк на синџир. Со каивче и синџир на себе, исплашен, дури и грицки јадеше што му ги дадов – вели Мицковска, нагласувајќи дека животното било питомо и мирно.
Таа упати благодарност до целиот тим на МВР, кој успешно интервенирал и помогнал во целата ситуација, односно го фатиле волкот безбедно, до Град Скопје што бил вклучен во целиот процес на спасување и до својот колега Сашо Панчев, кој успешно го заловил и пренел до Зоолошката.
Од Зоолошката градина апелираа и потсетија дека чувањето диви животни како домашни миленици е забрането и исклучително опасно.
– Волците не се миленици и не смеат да се чуваат во заробеништво и во несоодветни услови. Станува збор за диви животни што имаат свои природни потреби, инстинкти и однесување – предупредија од Зоолошката.
Притоа, укажаа, доколку забележат нелегално чување диви животни, граѓаните да го пријават тоа кај надлежните институции.
Како што објави и скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, повикувајќи се на пријавата дека животното е волк, тој, очигледно, бил незаконски чуван (со ремче и синџир) како домашно милениче, а за случајот веднаш биле известени сите надлежни институции.
– Не можам да поверувам дека постојат толку несовесни поединци што на ваков начин третираат диви животни, а притоа ја загрозуваат безбедноста на своите сограѓани. Ова не е само неодговорност туку и сериозна опасност за целата околина – истакна Ѓорѓиевски, потенцирајќи дека мора да изградиме похумано, побезбедно и одговорно општество во кое законите важат за сите, а животните се третираат со грижа, а не како предмет за нечие изживување.
(А. П.)












