Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска, денеска ги додели признанијата и наградите за 14. најдобри вработени во двете детски градинки на територијата на општината „8 Март“ и „Весели Цветови“.
-Оваа значајна иницијатива уследи по претходно објавениот јавен повик, кој ги опфати сите категории вработени во градинките: административните работници, давателите на јавни услуги и помошно-техничкиот персонал. По извршената евалуација на пристигнатите пријави од страна на надлежната Комисија, беа избрани кандидатите кои ги исполнуваа предвидените услови и критериуми – соопштија од Општина Кисела Вода.
Градоначалничката Стаменкоска-Трајкоска истакна дека ова признание претставува израз на длабока благодарност и почит кон вработените за нивната професионалност, одговорност и секојдневен придонес во работењето, како и во унапредувањето на квалитетот на услугите во јавните детски градинки.
-Наградени се луѓе од различни работни позиции бидејќи ја вреднуваме улогата на секој поединец во нашата заедничка мисија: обезбедување квалитетна, грижлива и безбедна средина за најмладите – изјави Стаменкоска-Трајкоска.












