Според податоците од ветеринарните здруженија и граѓанските организации, бројот на улични кучиња на национално ниво изнесува над 11.000 кучиња. Најголем дел од уличните кучиња се, всушност, напуштени миленици. Постојат многу предлози и програми како да се намали бројот на кучиња скитници по улиците. Меѓутоа, она што треба да се потенцира е дека исклучиво почитувањето на Законот за идентификација и регистрација на домашните миленици, спроведувањето на одговорното сопствеништво над нив и понатамошната контрола на нивната репродукција претставуваат основа за трајно решавање на овој проблем. Во Општина Гевгелија се решава проблемот со кучињата скитници системски, преку формирање на локално прифатилиште и активирање на комуналните служби

Ситуацијата со кучињата скитници во Македонија е долгогодишен и сериозен безбедносен, здравствен и комунален проблем. Точниот број напуштени кучиња во Македонија не е прецизно утврден, бидејќи во државата не постои официјален и сеопфатен попис на бездомните животни. Според податоците од ветеринарните здруженија и граѓанските организации, бројот на улични кучиња на национално ниво изнесува над 11.000 кучиња. Најголем дел од уличните кучиња се, всушност, напуштени миленици.

Постојат многу предлози и програми како да се намали бројот на кучињата скитници по улиците. Меѓутоа, она што треба да се потенцира е дека исклучиво почитувањето на Законот за идентификација и регистрација на домашните миленици, спроведувањето на одговорното сопствеништво над нив и понатамошната контрола на нивната репродукција претставуваат основа за трајно решавање на овој проблем.

Во Општина Гевгелија, проблемот со кучињата скитници се решава системски, преку формирање локално прифатилиште и активирање на комуналните служби. Прифатилиштето за бездомни животни на ЈПКД „Комуналец“ – Гевгелија, кое постои од ноември 2023 година, има капацитет за 13 кучиња, од кои три кафези се за карантин, а девет кафези се за посткарантински третман.

Од ова претпријатие информираат дека работата во прифатилиштето се извршува согласно со Законот за заштита и благосостојба на животните, Законот за ветеринарно здравство и Правилникот за постапка за заловување, интервенции и третман на бездомните животни и спроведување тест на социјализација, кој е во делот за Законот за заштита и благосостојба на животните.

Ветеринарните интервенции ги прави ветеринарно друштво со кое се има потпишано договор за соработка. Заловувањето на кучињата го прават обучени лица (шинтери), со специјализирано возило за таа намена. Целта на прифатилиштето на бездомни животни е да се воспостави ред на кучињата на јавните простори, а воедно, со постапка на заловување се прави проверка на здравствената состојба на кучето – за болеста лајшманиоза, тест на социјализација (агресивност), кастрација – стерилизација, обележување со маркичка и миркочип, дехелментизација и вакцинација против беснило.

Во периодот ноември 2023 до април 2026 година, велат од ЈПКД „Комуналец“ – Гевгелија, на територијата на Општина Гевгелија вкупно се заловени и третирани 222 единки, од кои бројот на женки е 103, а бројот на машки единки е 119. Позитивни на лајшманиоза се 22 единки, со што директно се спречува ширењето на болеста кај луѓето и кај другите кучиња, а бројот на задомени кучиња изнесува 27 единки. Бројот на глутници од јануари 2025 до јануари 2026 година, следејќи ја активноста на терен, е сведена на нула. Исто така, бројот на каснување и напади врз луѓе се намалени. Од досегашното работење на прифатилиштето за бездомни животни, на годишно ново е спречена појава на 618 нови единки.

Сепак, она што е најголем и засега нерешлив проблем за напливот на кучиња по улиците на Гевгелија, посочуваат од Одделението за инспекциски надзор при Општината, е неодговорното сопствеништво. Никој не знае колку миленици завршуваат на улиците нечипирани и нестерилизирани, кога ќе им здодее на сопствениците да ги чуваат дома.

Уште помалку се знае кој сѐ има нерегистрирани легла дома, а кучињата се продаваат нелегално, преку огласи на социјалните мрежи, без никаква контрола. Поради ова, врз основа на законските овластувања, на територијата на Општина Гевгелија, во 2025 година се направени три контроли за неодговорно сопствеништво на домашни миленици што се затечени на јавна површина, при што се издадени и два прекршочни платни налози.

За да се спречат неодговорното сопствеништво и напуштањето, неодамна е изготвен нов предлог-закон за заштита и благосостојба на животните од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство, заедно со Ветеринарната комора, Ветеринарниот факултет, министерствата за животна средина и локална самоуправа, како и ЗЕЛС и здружението „Анима мунди“.

Со ова ново законското решение се предвидува трајна забрана за чување нов миленик доколку некој напушти домашен миленик, казни од 400 евра за сопственикот што несоодветно ќе чува и ќе шета миленик, а за предизвикување болка, страдање или повреди, мачење и сурово и нехумано однесување и убивање животни ќе се казнува со глоба од 5 илјади евра.

Останува да се надеваме дека со овој закон, кога ќе биде донесен, конечно ќе биде решен проблемот со напуштањето на домашните миленици, затоа што на сопственикот што ќе го напушти својот миленик трајно ќе му се забрани држење миленици, а, исто така, ќе се решат и нивното неконтролирано размножување и трговијата, затоа што крајниот резултат треба да биде намалување на бројот на бездомни кучиња.

(Љ. А.)

 

ИЗДВОЕНИ