петок, ноември 13, 2026
Дома СВЕТ Можност за прекин на огнот во Украина пред 2027 година, смета Зеленски

Можност за прекин на огнот во Украина пред 2027 година, смета Зеленски

0
EPA/OLIVIER MATTHYS

Американските пратеници Џаред Кушнер и Стив Виткоф во четврток одржаа нова рунда разговори во Москва со рускиот претседател Владимир Путин, пред да заминат за Даблин на средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Од Кремљ соопштија дека разговорите во руската престолнина биле продуктивни и дека американската страна го поддржала предлогот на Путин за заедничка хуманитарна мисија во еден град во источна Украина – по примерот на договорот за прекин на огнот постигнат минатиот месец во окупираниот град Олешки.

Јуриј Ушаков, советник на рускиот претседател, изјави дека Путин ќе разговара за Украина со американскиот претседател Доналд Трамп за време на самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (APEC) во Кина, подоцна во ноември. Тој додаде дека преговорите со Украина – кои неодамна беа обновени во Обединетите Арапски Емирати по деветмесечен прекин – ќе продолжат.

Виткоф потврди дека е договорена нова рунда трилатерални преговори.

Ушаков додаде дека Русија јасно им ставила до знаење на американските пратеници оти НАТО не може повеќе да се шири, и изрази надеж дека Европа ќе ги поддржи преговорите за нова европска безбедносна архитектура.

Би-Би-Си пренесува дека Виткоф изјавил оти Европејците ќе се приклучат на следната рунда преговори.

„Тие се наши партнери и за нас е важно да учествуваат“, изјави Виткоф за руската државна телевизија по средбата со Путин во Кремљ. Обраќајќи им се на Кушнер и Виткоф, Путин рече дека ги охрабрува „да работат со своите европски сојузници за конечно да одлучат дали сакаат мир или војна во Украина“, пренесе Би-Би-Си.

Франс прес пренесува изјава од дипломатски извор дека европски претставници, првенствено од Германија, Франција и Обединетото Кралство, ќе се приклучат на средбата меѓу Зеленски и американските претставници во Даблин.

По пристигнувањето во ирската престолнина, Зеленски во четвртокот изјави дека би можело да постои можност за постигнување прекин на огнот пред 2027 година.

„Важно е што Американците отидоа да разговараат со Путин со конкретни елементи. Би сакал тие да се вратат во Даблин со конкретни елементи“, додаде тој. Тој изрази скептицизам, но исто така нагласи дека „има надеж“.

ИЗДВОЕНИ