И денеска се сеќаваме на денот 13 ноември 1944 година, кога борците од 42. и 50. дивизија, заедно со 16. Македонска бригада, како дел од Народноослободителната војска на Македонија, по неколкудневни тешки борби со фашистите, влегуваат во Скопје, во рамките на завршните операции за ослободување на Македонија. Најжестоките борби се воделе кај Учителската школа, железничката станица и кај браната „Матка“, бидејќи евентуалните оштетување и уривање на браната ќе го збришеле градот. „Историјата понекогаш ги сведува ваквите настани на датуми, битки и воени операции, но зад секој историски датум стои човечка цена. А цената на слободата што ја донесе 13 Ноември е многу висока“, нагласува Елена Јованова-Грујовска, потпретседателка на Градскиот одбор на Сојузот на борци од НОАВМ

Веќе 82 години, нашето Скопје дише и живее слободно. Но, исто толку години им оддава и почит на жртвите што беа дадени за тоа денес градот да прерасне во модерна метропола. И денеска се сеќаваме на денот 13 ноември 1944 година, кога борците од 42. и 50. дивизија, заедно со 16. Македонска бригада, како дел од Народноослободителната војска на Македонија, по неколкудневни тешки борби со фашистите, влегуваат во Скопје, во рамките на завршните операции за ослободување на Македонија. Најжестоките борби се воделе кај Учителската школа, железничката станица и кај браната „Матка“, бидејќи евентуалните оштетување и уривање на браната ќе го збришеле градот.
Потпретседателката на Градскиот одбор на Сојузот на борци од НОАВМ, Елена Јованова-Грујовска, вели дека во ослободувањето на Скопје, животот го изгубиле над 420 борци.
– Жртвите не биле залудни: зачувани се важни објекти во градот, како што се: Офицерскиот дом, Народна банка, Старата железничка станица, Учителската школа, Камениот мост и хидроцентралата на Матка – истакна таа.
Додава дека иако голораки, во борбите што се воделе низ улиците на Скопје се приклучиле и неговите жители.
– Со ослободувањето на Скопје, а подоцна на Тетово и на Гостивар, завршува периодот на фашистичката окупација и започна нова историска етапа во развојот на градот и Македонија – нагласува Јованова – Грујовска.
Ослободувањето на Скопје сите го дочекале со радост и со општа веселба на плоштадот. Сите биле излезени на улиците, а борците, ослободителите биле пречекани со цвеќиња. Се пеело, се играло, се славела победата. Јованова-Грујовска додава дека ослободувањето не бил изолиран воен настан, туку резултат на една долготрајна и сложена Народноослободителна борба во која учествувале илјадници борци и поддржувачи на антифашистичкото движење.

– Зад овој историски датум стојат конкретни човечки судбини. Стојат оние што заминале во борба, знаејќи дека можеби нема да се вратат. Стојат младите луѓе кои го прекинале својот вообичаен живот, семејствата кои ги испраќале своите најблиски и оние што веќе никогаш не ги дочекале дома. Историјата понекогаш ги сведува ваквите настани на датуми, битки и воени операции, но зад секој историски датум стои човечка цена. А цената на слободата што ја донесе 13 Ноември е многу висока – нагласува таа.
Наведе дека сеќавањето на ослободителите не треба да биде само пригодно, туку да биде историски одговорно.
– Да ги паметиме како дел од генерацијата која, во услови на фашистичка окупација и војна, ја избрала борбата против фашизмот и ја презела одговорноста за иднината на својата земја и својот народ – заклучи Јованова-Грујовска.
По повод 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје, денеска, во 11:00 часот, ќе биде положено цвеќе пред Споменикот на ослободителите на Скопје, на Партизанските гробишта во Бутел, во 11:30 часот е предвидено положување цвеќе на гробот на генерал Михајло Апостолски во Алејата на заслужните граѓани, на гробиштата во Бутел и во 12:30 часот ќе биде положено цвеќе на Споменикот на ослободителите на Скопје пред Владата.
Традиционално ќе бидат доделени и наградите „13 Ноември“. Свечената церемонија ќе се одржи во Македонската опера и балет, со почеток во 19:00 часот.
(А. П.)












