Во првиот квартал од годинава, во Скопје е забележан значителен пад на издавањето станови, додека паралелно расте побарувачката за деловни простори, покажува извештајот на Агенцијата за катастар на недвижности. Според извештајот, бројот на закупи на станови е намален за 47 проценти во споредба со последниот квартал од 2025 година, а вкупната месечна закупнина бележи пад од 40 проценти. Од друга страна, деловните простори бележат раст и на бројот на договори и на вредноста на закупнините, што упатува на зголемена деловна активност и на побарувачка за комерцијални објекти.
Градежните експерти посочуваат дека се менуваат трендовите на пазарот на недвижности, при што се намалува интересот за купување станови, но и побарувачката за нивно изнајмување. Според нив, во изминатите години, во Скопје значително била зголемена понудата на новоизградени станови, а се проценува дека меѓу 80 и 100 илјади стана во главниот град зјаат празни.
– Цела Македонија купуваше станови во Скопје за своите деца, но голем дел од нив заминаа во странство, па становите денес стојат празни и тешко се издаваат поради преголемата понуда. Според неофицијални податоци, во Скопје има околу 100 илјади празни стана. Понудата за издавање е поголема од побарувачката, и тоа директно влијае врз интересот и врз цените. Во последно време нема ниту голем притисок од економски работници од Непал, Бангладеш и од Индија, а се отворија и повеќе факултети во внатрешноста, што дополнително ја намали побарувачката на станови. Исто така, младите за кои родителите купуваа станови во Скопје, денес сè почесто заминуваат на студии или работа во странство, па становите остануваат празни – изјави за весникот ВЕЧЕР Никола Велковски, градежен експерт.
Извештајот нотира дека е значително намален бројот на реализирани трансакции на пазарот на недвижности. Во споредба со последното тримесечје од минатата година, бројот на продадени станови во периодот од јануари до март 2026 година е намален за 27 проценти, а нивната вкупна финансиска вредност е намалена за 23 проценти. Вкупно, на пазарот на недвижности во првиот квартал се свртени 276,3 милиони евра или 12,4 проценти помалку на квартално ниво.
– Во Скопје веќе не треба да се гради, бидејќи градот нема доволно инфраструктура – патишта, вода, канализација и струја. Од друга страна, изнајмувањето станови се намалува, бидејќи многу млади ја искористија можноста за поволни кредити и купија сопствени станови. Наместо да плаќаат кирија, која ја сметаат за фрлени пари, тие сфатија дека е поисплатливо да земат стан на кредит и постепено да го отплаќаат – додава Велковски.
Од агенциите за недвижности посочуваат дека растат не само цените на квадратот туку и цените за изнајмување станови, при што кириите во делови од градот се на ниво споредливо со многу поголеми европски центри.
– Со растот на цената на квадратот, растат и цените на изнајмување станови, што, за многу граѓани, се покажа како добра можност за заработка, па затоа инвестираа во недвижности. Така граѓаните купуваа станови за издавање, што доведе до зголемена понуда, но и до намалена побарувачка. Дел од сопствениците што имаат по неколку стана сега не можат лесно да ги издадат. Поради зголемената конкуренција, цените за изнајмување почнаа да се стабилизираат или да паѓаат, а има станови што подолг период не можат да се издадат, па газдите се принудени да ги намалуваат цените за да најдат закупци – велат за весникот ВЕЧЕР од една агенција за недвижности.
Што се однесува до растот на закупот на деловни простори, Велковски посочува дека тоа се должи на зголемениот интерес кај младите за отворање сопствени бизниси, особено во областа на информациските технологии, како и кај оние што работат за странски компании.
(А. С.)












