Додека СДСМ поднесува кривични пријави против гувернерот Трајко Славески и други лица од Народната банка, централната банка потврди дека и самата поднела пријави до Обвинителството поради, како што наведува, сериозни и непоткрепени јавни обвинувања. Политичките препукувања се интензивираат, а во случајот се отвораат и прашања за потеклото на капиталот, институционалните одлуки и стабилноста на банкарскиот систем. Случајот со Алта банка добива нова димензија со најави за кривични пријави и казни за ширење лажни информации што би можеле да го загрозат банкарскиот систем, ново кривично дело што е предвидено во новиот Кривичен законик, испратен до Европската комисија

Фрчат кривични пријави за случајот Алта банка, кој од банкарски случај прераснува во жестока политичка пресметка меѓу власта и опозицијата. Народната банка за весникот ВЕЧЕР потврди дека поднела пријави до Основното јавно обвинителство – Скопје поради јавни изјави со сериозни и непоткрепени обвинувања поврзани со работењето на Алта банка – АД Битола. Од централната банка не откриваат против кого се поднесени пријавите, ниту кои конкретни кривични дела се опфатени.

Од другата страна, СДСМ денеска поднесе кривична пријава против гувернерот Трајко Славески и други службени и одговорни лица во Народната банка, сомневајќи се во несовесно работење во службата и злоупотреба на службената положба и овластување. Партијата бара и мерки на претпазливост, вклучително и привремено отстранување од службените должности на гувернерот со образложение дека треба да се спречи евентуално влијание врз сведоци или прикривање документација.

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, претходно најави дека пријавите ќе ги опфатат прашањата за влезот на банката, потеклото на капиталот, сметките, трансферите и наводните врски со криминални структури во Србија. Од партијата ја обвинуваат власта за обид да го заташка случајот и бараат институционално утврдување на одговорноста.

На собраниската надзорна расправа, премиерот Христијан Мицкоски ја префрли одговорноста кон претходната влада на СДСМ и ДУИ. Презентирајќи документ од 2023 година, тој тврдеше дека тогашната Влада, на предлог на министерот за финансии Фатмир Бесими, го задолжила Државното правобранителство да воспостави деловни односи со Алта банка. Според Мицкоски, токму тогаш бил отворен патот за соработка со сопственикот Давор Мацура.

Овие тврдења ги демантираше поранешниот министер Бујар Османи, кој посочи дека документот од октомври 2023 година се однесувал на заштита на државните акции во белградската банка, наследени од поранешна Југославија, а не на влезот на Алта банка на македонскиот пазар. ДУИ побара јавно извинување од владејачкото мнозинство во рок од 24 часа, со најава за тужби за клевета.

Генералниот секретар на ДУИ, Арбер Адеми, тврдеше дека клучните одлуки за преземањето на Стопанска банка – Битола биле донесени во 2025 година. Според неговата хронологија, Народната банка дала согласност на 1 септември, Комисијата за хартии од вредност издала дозвола на 11 септември, а на 16 октомври Алта банка станала сопственик на 93 проценти од акциите. ДУИ ѝ даде рок од 24 часа на власта за извинување за обвинувањата околу Алта банка, во спротивно најави тужби.

Премиерот Мицкоски го повика Јавното обвинителство да реагира по, како што рече тогаш, обидите за ширење паника во случајот Алта банка – АД Битола. Државниот јавен обвинител, Ненад Савески, пред пратениците на надзорната комисија не потврди ниту демантираше дали е отворена предистражна постапка за случајот Алта банка. Тој нагласи дека таквите постапки се тајни и дека обвинителството ќе постапува доколку утврди елементи на кривично дело. Новоизбраната шефица на Обвинителството за организиран криминал и корупција, Искра Хаџи-Василева, порача дека за обвинителски став се потребни конкретни факти и докази, но дека институцијата внимателно ги следи случувањата и може да постапува и по допрен глас.

Дополнителна политичка тежина доби и најавата на пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Драгана Бојковска, дека новиот Кривичен законик, испратен до Европската комисија, ќе предвидува ново кривично дело за загрозување на стабилноста на банкарскиот систем преку ширење неточни информации. За ваквото дело, според најавата, ќе биде предвидена и затворска казна, особено кога информациите се пласираат со злоупотреба на службена или општествена положба и углед.

Додека власта предупредува на ширење паника, а опозицијата бара истрага за потеклото на капиталот и институционалните одлуки, остануваат отворени клучните прашања што се поставија пред јавноста: кој и врз основа на какви проверки го одобрил влезот на банката, дали биле проценети сите ризици и што ќе преземат институциите за заштита на штедачите и финансиската стабилност. Кривичните пријави сами по себе не значат утврдена вина, а конечниот одговор ќе треба да го дадат надлежните институции.

 

Мисијата на ММФ во посета на Народната банка

Тим на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), предводен од шефот на мисијата за нашата земја, Ник Гигинеишвили, од 11 до 17 ноември 2026 година, е во редовна посета на Народната банка, како дел од активностите на ММФ за разгледување на економските и финансиските политики на земјите членки.

Во текот на посетата, претставниците на ММФ и на Народната банка ќе разговараат за актуелните макроекономски движења и изгледи, макроекономските проекции, и спроведувањето на монетарната политика, вклучително и модернизацијата на оперативната рамка, како и натамошниот развој на инструментите и политиките на Народната банка. Предмет на разговорите ќе бидат и состојбите, ризиците и отпорноста на банкарскиот сектор, финансиската стабилност и спроведувањето на макропрудентната политика.

Посетата е дел активностите на ММФ со земјите членки и претставува можност за размена на мислења и разгледување на состојбите во економијата и финансискиот систем, спроведувањето на економските политики и предизвиците во претстојниот период.

(С. Бл.) – Фото: Петр Стојановски

 

 

 

ИЗДВОЕНИ