Пред присутните во црквата „Света Софија“ во Охрид, утревечер (4 август), ќе биде претставена книгата посветена на ликот и делото на Липша-Тофовиќ, која минуциозно го обработува нејзиниот животен и уметнички пат и прави темелна вивисекција на програмските содржини на нејзината концертна дејност. Машкиот сопран/контратенор Мајан Лихт и пијанистот Пшемек Виницки, пак, пред присутните ќе ги изведат познатите дела на Хендл, Броши, Глинка/Балакирев, Шимановски, Менделсон, Бетовен, Бизе…  

 

Со промоција на монографијата „Ана Липша-Тофовиќ“ и со вокален и пијанистички огномет, на 4 август, во црквата „Света Софија“, нашата најголема културна манифестација „Охридско лето“ ќе го прослави својот 66. роденден.

Монографијата на авторите, истакнати музички педагози и публицисти, м-р Снежана Анастасова Чадиковска и д-р Александар Трајковски, посветена на јубилејот – 100 години од раѓањето на оперската примадона Ана Липша-Тофовиќ (1926-2012), голема уметница, носител на алтовскиот и мецосопранскиот фах, која ќе остане запишана во македонската музичка историја како еден од основополжниците на Македонската опера и втемелувач на фестивалот „Охридско лето“, ќе биде промовирана во 19:00 часот. Пред присутните ќе биде претставена книгата посветена на ликот и делото на Липша-Тофовиќ, а која минуциозно го обработува нејзиниот животен и уметнички пат, презентира сеопфатна анализа на сите нејзини оперски улоги (Кармен во истоимената опера, Орфеј во „Орфеј и Евридика“, Мадам Флора во „Медиум“, Амнерис во „Аида“, Ацучена во „Трубадур“, Далила во „Самсон и Далила“, Адалџиза во „Норма“, Марија во „Цар Самоил“… и прави темелна вивисекција на програмските содржини на нејзината концертна дејност. Особено внимание монографијата му посветува на нејзиниот придонес во поставувањето на основите и развојот на фестивалот „Охридско лето“, чија долгогодишна традиција започнува со нејзиниот солистички рецитал одржан на 4 јуни 1961 година, во црквата „Света Софија“ во Охрид.

Концертот на машкиот сопран/контратенор Мајан Лихт и пијанистот Пшемек Виницки, пак, ќе се одржи во 21:00 часот. Пред присутните тие ќе ги изведат познатите дела на Хендл, Броши, Глинка/Балакирев, Шимановски, Менделсон, Бетовен, Бизе…

Инаку, Мајан Лихт е добитник на наградата за најдобар дебитант на оперските награди во Брисел во 2025 година. Тој се смета за еден од највозбудливите вокални уметници на денешницата. Нарекуван „модерен Фаринели“, Лихт ја освојува светската сцена изведувајќи улоги што ретко кој може да ги пее комбинирајќи ја вокалната виртуозност со емотивната длабочина.  Покрај со својата кариера, тој е интернет-феномен со стотици илјади следбеници на социјалните мрежи и со милионски број прегледи на неговите видеа онлајн, со што директно придонесува кон доближување на оперската уметност кон новата публика насекаде низ светот. Оваа сезона, тој ќе дебитира во Холандската национална опера во Амстердам, во улогата на Ра во премиерата на „Реквием за Мариза“ од Мерич Артач, ќе ја толкува главната улога во операта „Александар во Индија“ во Театер ан дер Виен, а ќе настапи и како Нероне во „Крунисувањето на Попеја“ во театарот „Понкиели“, како дел од фестивалот посветен на Монтеверди.

Пшемек Виницки е полски пијанист, добитник на бројни награди на меѓународни натпревари во Полска и во светот. Во 2022 дебитира во Берлинската филхармонија изведувајќи го Варшавскиот концерт од Ричард Адинсел. Таа година дипломира на Кралскиот колеџ за музика во Лондон. Добитник е на првата награда на натпреварот ЕПТА во Србија во 2021 и на втората награда на меѓународниот натпревар во Исхија во Италија, во 2015 година. Се има закитено со гран- прито на меѓународниот натпревар на наставници по музика во Варшава во 2013 година, со првата награда на натпреварот „Шопен-Рим“ (2011), а таа година беше финалист на натпреварите „Моњушко“ во Минск и „Јамаха“ во Полска. Редовно настапува низ Европа и низ светот, со концерти во САД, Франција, Шведска, Шпанија, Германија, Белорусија, Австрија, Белгија и во Холандија. (Д. Т.)

ИЗДВОЕНИ