Збирката песни „Лузни што зборуваат“ на Радица Таскова го продолжува својот книжевен пат во Белград откако неодамна беше објавена на српски јазик, под наслов „Ожиљци кои говоре“. Книгата содржи 35 песни и, како што вели авторката, тоа се 35 приказни за болката, тишината, семејното насилство, достоинството и за силата на жената.
– Триесет и пет лузни. Триесет и пет болки што некогаш молчеле, а денес зборуваат преку стих. Оваа книга не ја напишав само за да биде прочитана. Ја напишав за жената што плачела во тишина. За мајката што го криела стравот зад насмевка. За сестрата што никому не кажала што преживеала. За ќерката што растела со болка што не била нејзина. За секоја жена што си рекла некогаш: „Ќе издржам уште малку.“ А сега моите 35 лузни ќе зборуваат и на друг јазик и со себе ќе ги понесат мојата болка, мојата храброст, моите тишини и мојата надеж – посочува Таскова, професорка по македонски јазик и книжевност од Кратово, на која ова ѝ е прва книга.
Додава дека „Лузни што зборуваат“ е настаната така што и најдлабоката болка, кога ќе најде зборови, може да стане глас.
– Ако барем една жена, читајќи ја книгата, почувствува дека не е сама, тогаш моите лузни не биле напишани залудно. Ако една жена најде сила да проговори – книгата победила. Ако една жена сфати дека насилството не е љубов – книгата ја исполнила својата мисија. Ако една жена повторно поверува дека заслужува достоинство и живот без страв – тогаш секоја солза претворена во стих имала смисла – вели авторката.
Во рецензијата, проф. д-р Венко Андоновски, насловена „Поезија без означители: чисто достоинство“, пак, пишува: „Сè во оваа поезија е толку едноставно, проѕирно, транспарентно, нефигуративно (нека кажат стилистичарите која стилска фигура може најдобро да пренесе болка, а која пркос?) што се чини дека и нема зборови, нема означители, нема јазик, нема посредник, туку директен поглед во душата што издржала терор, агресија, ропство, понижување и повторно се вивнала до височината што ја заслужува човек со своето достоинство“.












