Фестивалската завеса на 26. издание на Скопскиот филмски фестивал (СФФ), се крева на 4 ноември во 20:30 часот, во Македонскиот народен театар, со филмот „Идиот(и)“ на режисерскиот тандем Малгоржата Шумовска – Михал Енглерт. Во филмот, младоженците Фјодор и Ана Достоевски заминуваат на меден месец низ Европа. Она што треба да биде романтичен престој прераснува во бурна, повеќегодишна борба со низа пречки и животни искушенија, додека Фјодор неуморно работи на создавањето на своето идно ремек-дело – романот „Идиот“
Скопскиот филмски фестивал (СФФ), што ќе се одржи од 4 до 9 ноември, се враќа по тригодишна пауза, со богата програма и со македонска премиера на филмот „17“ на Косара Митиќ. Фестивалското мото на годинашното 26. издание е „Вистинска приказна“.
По последното одржано издание во 2022 година, фестивалот доживува своја ревитализација со цел повторно да го раздвижи филмскиот живот во главниот град, изјави директорот на Скопскиот филмски фестивал, Томи Салковски.
Фестивалската завеса се крева на 4 ноември во 20:30 часот, во Македонскиот народен театар, со копродукцијата на Германија, Полска и на Монако – „Идиот(и)“ на режисерскиот тандем Малгоржата Шумовска – Михал Енглерт. Во филмот, младоженците Фјодор и Ана заминуваат на меден месец низ Европа, но нивното патување неочекувано запира во Баден. Она што треба да биде романтичен престој прераснува во бурна, повеќегодишна борба со низа пречки и животни искушенија, додека Фјодор неуморно работи на создавањето на своето идно ремек-дело – романот „Идиот“. Улогите во филмот, кој е наменет за над 16-годишна возраст, ги толкуваат Ејми Лу Вуд, Џони Флин, Вики Крипс, Кристијан Фридел.
На авторите Шумовска и Енглерт фестивалот ќе им ја додели наградата „Златна скополија“ за нивниот исклучителен придонес кон светската кинематографија. Инаку, Скопскиот филмски фестивал првпат ја доделува наградата на едно режисерско дуо, како почит кон извонредната моќ на креативната соработка.
– Оддавајќи признание на реткото и извонредно уметничко партнерство на Шумовска и Енглерт, наградата ги слави нивната заедничка креативна визија и нивниот исклучителен придонес кон јазикот и еволуцијата на филмот. Нивната соработка претставува доказ за моќта на спојувањето на два различни уметнички сензибилитети, кои заедно создаваат единствен филмски глас – се вели во образложението на фестивалот.

Дебитантското остварување „17“ на режисерката Косара Митиќ, кое е наш кандидат за „Оскар“ за најдобар интернационален филм, ќе ја има својата премиера на 5 ноември, во 20:30 часот, во МНТ. Филмот ја третира темата за сексуалното насилство кај адолесцентите, молкот, општествената апатија и системските пропусти. Режисерката Митиќ го потпишува сценарио заедно со хрватскиот режисер и сценарист, Огњен Свиличиќ, а филмот е продуциран од „Црна мачка продукција“. Од 6 ноември, остварувањето ќе може да се види и на редовниот репертоар во „Синеплекс“ во Скопје.
Затворањето на фестивалот е на 9 ноември, во 19:30 часот, со филмот „Електричен бакнеж“ во режија на Пјер Салвадори, во киното „Фросина“ при Младинскиот културен центар, каде што ќе се одвиваат и поголемиот дел од фестивалските проекции.
Во главната натпреварувачка програма, под наслов „Дијалози“, се осум филма: „Тинејџерски секс и смрт во кампот Мијазма“, „Спирала“, „Изабел“, „Нема рај ако ти убие жена“, „Отфрлен“, „Чувство на дом“, „Мизерна мајка“ и „Тивки ноќи“.
Во рамките на програмата надвор од конкуренција, пак, публиката ќе има можност да го гледа филмот „Фјорд“ на Кристијан Мунџиу, кој е актуелен добитник на престижната „Златна палма“ на Канскиот фестивал.
Според зборовите на Салковски, годинава во Скопје е донесен самиот крем на светската кинематографија преку супериорна селекција на филмовите. За квалитетот на програмата се грижи кураторот Никола Никитин, заедно со новоформираниот интернационален борд, во кој членуваат и Мирослав Могоровиќ, Филип Бергсон и Благоја Куновски-Доре.
Членот на меѓународниот борд на фестивалот, Благоја Куновски-Доре, пак, истакна дека во шесте фестивалски дена публиката ќе има можност да види 12 внимателно избрани филма во неколку програми, меѓу кои и актуелни фестивалски хитови.
Најдобрите филмови во натпреварувачката програма ќе ги избере петчленото жири составено од домашни и од европски филмски професионалци: Лабина Митевска (македонска актерка и продуцентка), Стив Абот (англиски филмски продуцент и режисер), Павле Вучковиќ (српски режисер), Даријан Пејовски (македонски режисер) и Даниела Вебер (селекторка на Берлинскиот филмски фестивал). (Н. И. Т.)












