– Според долгогодишниот изведуван мониторинг на сировата вода од изворот Рашче, а и според анализите и испитувањата на примероците вода земени од сите мерни места во градот Скопје, водата е исправна и ги задоволува критериумите што се зададени во Правилникот за безбедност на водата за пиење – децидни се од ЈП „Водовод и канализација“
По два дена откако пишуваше весникот ВЕЧЕР за загриженоста на еколозите за опасноста што демне од јаловината од поранешната фабрика „Југохром“, преку подземните води да го загади изворот Рашче, се огласија од ЈП „Водовод и канализација“, од каде што тврдат дека водата од Рашче е безбедна за пиење. Но, не информираа дали ќе преземат мерки за заштита, како што сугерираат еколошките здруженија.
Од „Водовод“ велат дека „според долгогодишниот изведуван мониторинг досега на сировата вода од изворот Рашче, а и според анализите и испитувањата на примероците вода земени од сите мерни места во градот Скопје, водата е исправна и ги задоволува критериумите што се зададени во Правилникот за безбедност на водата за пиење“.
– Во согласност со обврските произлезени од Законот за води, редовно се известувани сите релевантни институции за спроведениот мониторинг и за исправноста и квалитетот на водата во градот Скопје – потенцираат од претпријатието.
Притоа, објаснуваат дека во согласност со Законот за води, вршат мониторинг на изворот Рашче, на бунарите Нерези и Лепенец и на пивката вода, која се користи за водоснабдување на градот Скопје.
– Мониторингот се врши преку акредитираните лаборатории на Секторот за санитарна контрола, согласно со ИСО 17025. Секојдневно се земаат примероци од 36 мерни места во Градот Скопје, а два пати месечно се земаат примероци од двете каптажи на изворот Рашче – наведуваат од ЈП „Водовод и канализација“.
Додаваат дека паралелно со сето ова, во согласност со одлуките на градскиот Совет, вршат и редовен мониторинг на мрежата во Скопскиот и во Полошкиот Регион, односно во сливното подрачје на изворот Рашче.
– ЈП „Водовод и канализација“ редовно доставува годишни извештаи за состојбата на пиезометарската мрежа и за извршениот мониторинг, кој е во согласност со член 156 од Законот за води. Извештаите се доставуваат и до надлежниот државен орган – децидни се од претпријатието и додаваат дека во согласност со Законот за животна средина, надлежни се да мониторираат и да го известуваат надлежниот државен орган за заштита на животната средина, што, како што велат, и се спроведува преку сите досега доставени извештаи.
Екологистите повторно го актуализираа проблемот со депонијата од јаловина кај поранешната фабрика „Југохром“, укажувајќи на тоа дека таа може да го загади изворот Рашче и да ги остави скопјани без чиста вода за пиење. Посочуваат на ризикот дека шествалентниот хром од депонијата, преку подземните води, лесно може да стигне до изворот и да го загади до тој степен што нема да може да се користи ниту како техничка вода. Притоа, потенцираат дека Рашче е еден од ретките примери каде што има воспоставено заштита, но велат дека е факт оти подземните води комуницираат меѓу себе, поради што се јавува проблемот дека ризикот од загадување на подземната вода од „Југохром“ може да влијае на подземните басени на Рашче и тука да настане загадување на изворот на вода за пиење.
На овој проблем укажуваа и од „Мен енд маунтен“, организатори на еколошката акција „Генералка викенд“. Според информациите со кои располагаат тие, еден мал земјотрес од максимум 3-4 степени може да направи расцеп на земјата и шествалентниот хром да навлезе директно во изворот Рашче, од кој со вода за пиење се снабдуваат над 600.000 жители на градот.
(А. П.)












