Публиката, која го наполни гледалиштето на големата сала во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, дојде да им оддаде почит на најдобрите претстави и поединци на 60. МТФ „Војдан Чернодрински“, но и да ја проследи претставата „Црно злато“ од Дејан Дуковски, во режија на Оливер Фрљиќ, на Београдско драмско позориште, за која особено се зборува изминатиов период
Со врачувањето на наградите и изведбата на претставата „Црно злато“ од Дејан Дуковски, во режија на Оливер Фрљиќ, на Београдско драмско позориште, синоќа беше спуштена завесата на 60. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Публиката, која го наполни гледалиштето на големата сала во Центарот за култура „Марко Цепенков“, дојде да им оддаде почит на најдобрите претстави и поединци, но и да ја проследи претставата за која особено се зборува во изминатите три месеци.
Жири-комисијата беше во состав Снежана Коневски-Руси (претседател) и Дарко Лукиќ и Аида Буквиќ (членови). На затворањето на фестивалот, Коневски-Руси ги соопшти наградените, а уметничката директорка, Ана Стојаноска, ги врачи.
Наградата за најдобра сценографија ја доби Валентин Светозарев, кој го цитираше Хамлет: „И да ме затворите во ореова лушпа, ќе останам крал во ореова лушпа. Се надевам дека наредниот пат нема да бидам во ореова лушпа“.
Наградата за најдобар млад актер „Трајко Чоревски“ ја прими Јеткин Сезаир за улогата на Моцарт во „Амадеус“. Тој им се заблагодари на публиката во Прилеп, на фестивалот, на жирито, на режисерот Андреј Цветановски што му ја доделил улогата и на целиот Турски ансамбл за поддршката.
Сара Спиркоска втор пат ја доби наградата за млада актерка.
– Огромна чест ми е што втор пат ја добивам оваа награда, овој пат не е потврда само за мојот напредок туку е и потврда дека сè уште сум млада. Годинава настапив со три претстави, од вкупно пет колку што ги имав во сезоната. Голем е предизвикот за млад актер, кој не е вработен, да биде активен и да напредува, но се радувам што постојат луѓе што го ценат и вреднуваат тоа – рече Спиркоска.
Примајќи ја, пак, наградата за машка споредна улога за Симoн во „Мачкина глава“ на Драмски театар, Александар Степанулески ги поздрави актерите што оставија голем печат во македонскиот театар: Кирил Ристоски, Благоја Спиркоски-Џумерко и други.
Слаѓана Вујошевиќ ја доби наградата за главна женска улога за Констанца во „Амадеус“. Таа не можеше лично да ја подигне наградата, но со порака ја поздрави публиката и особено истакна дека и нејзината улога немала да биде така успешна да не бил нејзиниот колега Јеткин Сезаир.
Димитар Ѓорѓиевски ја доби наградата за најдобра машка улога за Фезлиев во „Црнила“ на Прилепскиот театар, која од годинава го носи името на Кирил Ристоски. Тој им се заблагодари на своето семејство, на својот втор дом – Народниот театар „Војдан Чернодрински“, на своите колеги.
– Постои посебна врска меѓу мене и публиката. Имаме магична публика, ова е сон од кој не сакам да се разбудам, ова е бесценето – рече Ѓорѓиевски.
Примајќи ја наградата за најдобра режија, Дејан Пројковски, пак, истакна:
– „Црнила“ ја започнавме по неколку месеци од затворањето на Театарот и тоа е една од малите вежби дека е важно и во тешки времиња да не заборавиме дека во театарот луѓето се најважни. Се надевам дека наскоро ќе можеме да работиме во нова зграда на Прилепскиот театар – рече Пројковски.
Наградата за уметничко остварување на претстава во целина ја доби „Страв и надеж“ во режија на Татјана Ригонат Мандиќ. Од име на Македонскиот народен театар, наградата ја прими актерот Александар Микиќ. Биљана Драгиќевиќ-Пројковска беше наградена за најдобра споредна женска улога за Марија во „Мачкина глава“, но поради изведба на претстава, не можеше да присуствува на церемонијата. Наградата за костимографија ја прими Марија Пупучевска за „Црнила“. Наградата за најдобра музика ја доби Ирена Поповиќ-Драговиќ за „Страв и надеж“. Четири награди годинава не беа доделени: за рекламен материјал, кореографија и сценски движења, за современа сценска драматизација и за современ драмски текст.
Според оцените на публиката, пак, со просечна оценка од 4,75, за најдобра претстава беше прогласена „Амадеус“ од Питер Шефер, во режија на Андреј Цветановски, на Турскиот театар. Осман Али, директор на Театарот, ѝ се заблагодари на прилепската публика. Фестивалот му ја додели и наградата за најдобар волонтер на Стефан Петрески.

И уметничката директорка Ана Стојаноска, која во изминатите четири години го водеше фестивалот, ја поздрави публиката. Таа се наврати на сработеното и на предизвикот да се води најголемиот и најзначаен театарски фестивал во Македонија.
– Решив првата моја програма да ја наречам „Враќање дома“, ја поврзав со моето фактичко враќање дома, со Чернодрински и со драмата „Чернодрински се враќа дома“ на Горан Стефановски. Решив да креирам моја слика за театарски фестивал, која ќе биде современа, храбра и која ќе оствари комуникација со сите гледачи, независно на која возрасна или која било група ѝ припаѓаат. И еве, четири години до денес, фестивалот стана моја препознатлива слика, место каде што живее театарот во јуни и театарските уметници и публиката. Денес, во време на општото сеедно, човек треба да е многу, многу храбар за да ја оствари својата визија, па и да плати поголема цена – рече Стојаноска.
Таа ѝ се заблагодари на публиката „за довербата, за барањето место повеќе, за аплаузите што ја говореа вистината“.
– Поминав низ многу тежок период кога го создавав ова издание на фестивалот, ја изгубив мајка ми, жената која ме соочуваше со тоа што правам и дали треба така да се прави тоа, која ме поддржуваше во сè што правев и на која ѝ ветив дека еве, по ова издание, навистина ќе ѝ се посветам на мојата уметност, затоа што и таа и мојот татко веруваа во мене од мали нозе: дека јас сум родена да бидам раскажувачка на приказни. За крај, како што го почнав отворањето на мојата прва мандатна година со цитат на еден од моите најсакани луѓе на овој свет, големиот театарски режисер Игор Вук Торбица, така ќе го затворам и моето организирање на овој фестивал: „Јас сум во мир со моите избори, така што мирно спијам со волкот во мене“ – заврши Стојаноска.

Во чест на наградените настапи Београдско драмско позориште со претставата „Црно злато“ од Дејан Дуковски, во режија на Оливер Фрљиќ. Големи аплаузи и воздишки предизвика претставата, која е една од најбараните во последните неколку месеци на Балканот.












