Со уставна измена, Северна Кореја ги поедностави причините поради кои може да активира нуклеарна одбрана. Со ревизија на уставот е овозможена измена на членот 3 од Законот за нуклеарна политика, кој сега гласи: Ако системот за команда и контрола на нуклеарните сили на државата е загрозен од напади од непријателски сили… автоматски и без одложување ќе биде лансиран нуклеарен удар.
Севернокорејскиот диктатор Ким Џонг Ун има целосна контрола врз нуклеарниот арсенал на земјата, но, новата уставна формулација јасно дефинира што мора да се случи во случај на негова ликвидација.
– Тоа можеби беше политика на режимот и порано, но сега е нагласено бидејќи е вклучено во уставот, рече Андреј Ланков, професор по корејски студии на Универзитетот „Кукмин“ во Сеул, додавајќи дека иранското сценарио било повик за будење.
Како што прв објави „Телеграф“, овој уставен амандман, за кој се верува дека е усвоен претходно оваа година, бил донесен кратко откако врховниот лидер на Иран, Али Хамнеи, беше убиен во американско-израелските напади. Според „Њујорк пост“, пак, ревизијата на уставот, која била потврдена од Врховното народно собрание, на јавноста ѝ ја откри јужнокорејската влада за време на разузнавачки брифинг.












