Генералниот директор на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрехесус, изјави дека се очекува бројот на случаи на хантавирус да се зголеми поради периодот што поминал помеѓу појавата на првиот случај и потврдата на инфекцијата.
Зборувајќи на прес-конференција, Тедрос рече дека првиот случај е регистриран на 6 април на крузерот „МВ Хондиус“ (MV Hondius), додека инфекцијата била потврдена како заразна дури на 24 или 25 април, објави „Скај њуз“.
Според него, патниците имале бројни меѓусебни контакти во тој период, што ја зголемило можноста за ширење на вирусот и покрај мерките што биле воведени подоцна.
– Очекуваме повеќе случаи – рече Тедрос, додавајќи дека периодот на инкубација на хантавирусот трае помеѓу шест и осум недели.
Во меѓувреме, 25-годишен маж е хоспитализиран во Италија поради сомнение за инфекција со хантавирус, објави агенцијата „Анса“.
Според извештаите на медиумите, маж од јужниот италијански регион Калабрија бил ставен во карантин откако патувал со лет на KLM Royal Dutch Airlines со жена која подоцна починала од инфекцијата.












