Радомир Саичиќ, кандидатот на „Студентската листа“, вечерва изјави дека победата на оваа листа е „победа на надежта и вербата“. Тој истакна дека прелиминарните резултати покажуваат оти „Студентската листа“ убедливо води на сите избирачки места.
„Големата победа носи и голема одговорност“, рече Саичиќ, повикувајќи ги граѓаните да ја прослават победата мирно и достоинствено, да не подлегнуваат на провокации и да избегнуваат какви било конфликти.
Саичиќ нагласи дека изборните резултати мора да се почитуваат – без исклучоци, изговори или обиди да се измени јасната порака испратена од граѓаните.
„Но, вечерва не станува збор само за резултатите. Вечерва станува збор за луѓето – за сите оние кои продолжија да веруваат и во најтешките моменти, кои одбија да се откажат кога им велеа дека ништо никогаш не може да се промени, и кои, и покрај сè, продолжија да се борат“, изјави тој.
Тој го опиша исходот како победа на храброста над стравот, на надежта над рамнодушноста и на верувањето дека Србија може – и мора – да тргне по поинаков пат. Тој изрази благодарност до сите што ја поддржаа листата и учествуваа во борбата за промени.
„Оваа победа не е ничиј личен трофеј. Таа им припаѓа на сите нас“, изјави Саичиќ.
Тој ги повика граѓаните да се погрижат прославите да поминат без омраза и насилство, апелирајќи до нив на провокациите да одговорат достоинствено, на навредите – со присебност, а на какви било обиди за поделби – со уште посилна солидарност. „Не се боревме со месеци само за да изгубиме вечерва, туку за она што нè правеше посилни во текот на целиот процес: вербата во правдата, солидарноста и ненасилството“, рече кандидатот на „Студентската листа“.
Тој додаде дека, по изборната ноќ, претстои сериозна и одговорна задача: изградба на Србија во која законот важи подеднакво за сите, во која се почитува знаењето и во која младите луѓе можат да ја замислат својата иднина. „Не ветуваме дека сè ќе биде лесно. Но, ветуваме дека нема да заборавиме зошто започнавме, луѓето што ни ја дадоа својата доверба и вредностите за кои се боревме. И нема да заборавиме дека вршењето власт не е привилегија, туку одговорност кон народот“, нагласи Саичиќ.
Тој изјави дека оваа изборна победа треба да го означи почетокот на ново поглавје – поглавје во кое граѓаните не се поделени на победници и поразени, туку заедно работат на изградба на земја во која секој има право на глас, на вистина и на иднина.
„Вечерва ја славиме нашата победа, од утре ја градиме иднината. Да живее слободата!“ – заклучи Саичиќ.












