Моќен циклон што се формираше над Атлантикот ја зафати северозападна Европа. Ударите на ветерот достигнуваат брзина и до 130 км/ч, летовите се откажани, а железничкиот и фериботскиот сообраќај се целосно прекинати.
Северозападна Европа се најде директно на патот на моќен циклон наречен „Боел“ – вториот официјално именуван бурен систем во оваа сезона.
Бурата, која пристигна веднаш по системот „Остин“, донесе ветрови со ураганска јачина, поројни дождови и разорни бранови, парализирајќи делови од Велика Британија, крајбрежјето на Северното Море и соседните земји.
Метеоролошките служби издадоа портокалови и жолти предупредувања за временските услови, со итен апел до граѓаните да не излегуваат надвор, освен ако тоа не е апсолутно неопходно.
Најкритична е состојбата во Шкотска, Северна Ирска и северна Англија, каде се забележани удари на ветерот со брзина од 110 до дури 130 километри на час. Поради овие ветрови со ураганска јачина, властите предупредуваат на опасност од летечки предмети, кршење гранки и паѓање на ќерамиди од покривите – што претставува директна закана за јавната безбедност.
Шеесетгодишен маж денеска почина во Шкотска откако врз него падна дрво во близина на Касл Даглас, додека две жени се повредени под слични околности во близина на Аберфелди. Мажот починал на самото место, а екипите на итната помош констатирале смрт во 10:30 часот по локално време, објави „Скај њуз“. Шкотската полиција соопшти дека две жени, исто така, биле повредени од паднато дрво и околу 12:50 часот биле пренесени во локална болница.
Последиците од лошото време се чувствуваат во сите сфери на секојдневниот живот. На аеродромите во Единбург, Глазгов и Белфаст се пријавени бројни доцнења и откажувања на десетици комерцијални летови. Железничките оператори превентивно го запреа сообраќајот на неколку клучни линии поради паднати дрвја врз пругите.
Фериботите што оперираат во Ирското и Северното Море остануваат закотвени во пристаништата поради бранови кои, во одредени области, надминуваат висина од шест метри.
Поради кинење на надземните електрични водови, повеќе од 30.000 домаќинства останаа без струја. Екипите за итни интервенции и пожарникарите имаат потешкотии да стигнат до погодените подрачја поради блокирани локални патишта.
Според метеоролозите, центарот на бурата „Боел“ се движи преку Северното Море кон Данска, јужните делови на Скандинавија и северна Германија. Во овие региони, во текот на попладнето и ноќта се очекуваат ветрови со јачина на невреме, како и нагло покачување на нивото на морето долж крајбрежјето.
Силното невреме веќе предизвикува хаос низ Германија, особено во северниот дел на земјата. Соборени се голем број дрвја, што доведе до значителни прекини во сообраќајот.












