Ако деновиве комарците ви „пијат крв“ и не ви даваат мир, има добра вест. Град Скопје најави нова авионска дезинсекција против возрасни комарци, која ќе се спроведе на 30 и 31 јули доколку временските услови го дозволат тоа.
Доколку има дожд или силен ветер, прскањето ќе се одложи за првиот нареден ден кога ќе има соодветни услови, а граѓаните навреме ќе бидат известени.
Од Град Скопје велат дека акцијата е дел од редовната програма за борба против комарците и се спроведува според законските обврски и препораките на Центарот за јавно здравје – Скопје. Целта е да се намали бројот на комарци, кои секое лето им создаваат мака на скопјани, особено во вечерните часови.
Инаку, ова не е прво прскање сезонава. Во изминатите месеци веќе беа реализирани повеќе авионски и теренски третмани против ларвите и возрасните комарци, а активностите продолжуваат според утврдениот план.
Градските власти апелираат граѓаните да имаат разбирање за активностите, кои се спроведуваат со цел подобра заштита на јавното здравје и помалку комарци во текот на летниот период.












