Младите сè почесто се одлучуваат да ги реализираат своите претприемачки идеи и да започнат сопствен бизнис наместо да ја бараат својата иднина исклучиво во сигурното вработување, особено во државната администрација. Новите генерации покажуваат поголема желба за самостојност, креативност и независност, а доказ за тоа се сè поголемиот број мали бизниси, иновативни проекти и услуги што секојдневно се појавуваат во нашето опкружување. Паралелно со промената на односот кон работата, кај младите се менува и начинот на кој размислуваат за финансиската иднина. Сè повеќе од нив сакаат самостојно да управуваат со своите средства и не се сигурни дека класичниот пензиски систем ќе им обезбеди доволна сигурност во иднина. Наместо да се потпираат само на пензиските фондови, дел од младите ги насочуваат своите заштеди кон инвестиции во акции, инвестициски фондови, недвижности и други форми на вложување.
Експертот за човечки ресурси и претседател на Македонската асоцијација за човечки ресурси, Дарко Петровски, во изјава за весникот ВЕЧЕР оценува дека станува збор за глобален тренд, кој особено го носат новите генерации, кои имаат поинаков поглед кон работата, заработката и личниот развој.
– Она што радува е што кај младите луѓе сè повеќе се забележува иницијатива за создавање сопствени бизниси и за реализација на лични идеи и замисли. Наместо само да бараат сигурно вработување, тие сè почесто се насочуваат кон претприемништвото и создавање сопствени можности за работа и развој – вели Петровски.
Според него, овие промени се резултат на поголемата отвореност кон светот, достапноста на информации и влијанието на современите технологии и дигиталните платформи, кои создаваат поинаков поглед кон работата и заработката.
– Новите генерации имаат поинаков однос кон работата. За нив, класичниот модел на работен однос не е единствен избор. Тие бараат поголема флексибилност, можност за самостојност и работа што ќе им овозможи да ги развиваат сопствените вештини и потенцијали – посочува Петровски.
Тој додава дека традиционалниот начин на функционирање на институциите и на компаниите неминовно ќе мора да се менува, особено поради брзиот развој на технологијата и автоматизацијата.
– Прашање на време е кога ќе бидат заменети одредени процеси, па и цели работни места, со нови технолошки решенија. Тоа ќе ја наметне потребата и големите системи, како јавната администрација и компаниите, да се приспособат кон новите услови и да понудат пофлексибилни модели на работа – вели Петровски.
Како пример за новиот претприемачки дух кај младите, тој ги посочува различните бизнис-идеи што веќе може да се забележат во секојдневието – од компании во областа на информатичките технологии до мали бизниси, дуќани и угостителски објекти со уникатна понуда.
– Дел од тие идеи се инспирирани од успешни концепти што функционираат во светот, но голем број се резултат на сопствената креативност и на иновативноста на младите луѓе. Особено значајна улога има и фриленс работата, која им овозможува на луѓето да ги понудат своите знаења и вештини на глобалниот пазар и да добијат соодветен надоместок за тоа – објаснува тој.
Петровски се осврнува и на променетиот однос на младите кон парите и финансиската сигурност. Според него, недовербата во идниот пензиски систем не е присутна само кај младите туку станува поширок општествен тренд.
– Тоа е резултат на информациите за состојбите во пензиските и финансиските системи во светот. Концептот на солидарност од минатото постепено им отстапува место на индивидуалните решенија и на желбата луѓето сами да влијаат на својата финансиска иднина – вели Петровски.
Тој смета дека ваквите промени ја отвораат потребата за преиспитување на досегашните модели на плати, надоместоци и долгорочна финансиска сигурност. Новите генерации постепено го менуваат традиционалниот поглед кон работата – наместо само сигурно работно место, сè повеќе бараат независност, флексибилност и можност сами да ја креираат својата професионална и финансиска иднина.
(А. С.)












