Државното ЕСМ ќе се жали на решението на Обвинителството за организиран криминал и корупција, со кое се запре истрагата за набавката на мазут за ТЕЦ „Неготино“.
– Следејќи ги информациите објавени во медиумите, правниот тим на компанијата веќе ги презема сите подготвителни активности, да поднесе соодветна жалба, веднаш по официјалното примање на решението. АД ЕСМ ќе ги искористи сите правни механизми што ни стојат на располагање за заштита на интересите на компанијата – соопштуваат од компанијата за весникот ВЕЧЕР.
Обвинителството не најде докази за наведената штета од над 167 милиони евра во кривичната пријава против 13 лица.
Премиерот Христијан Мицкоски, прашан за одлуката на Обвинителството, рече дека останал во шок и неверување кога ја примил веста за одлуката на ОЈО ГОКК: да ја запре постапката за мазутот, во која, меѓу другите, беше опфатен и поранешниот директор на АД „Електрани“, Васко Ковачевски.
– АД ЕСМ ќе вложи жалба и случајот ќе биде вратен на повторно разгледување, ако не се случи тоа, Обвинителството за организиран криминал го губи својот кредибилитет. Сме го коментирале овој обвинител, Ислам Абази, и не треба што друго да кажам, јавноста знае за каков обвинител станува збор – одговори премиерот и обелодени дека во вторникот разговарал со државниот обвинител Ненад Савевски, кој му пренел дека не бил информиран за одлуката на Обвинителството што го води Абази.
Се работи за истрага што беше отворена против 13 лица, меѓу кои сопственикот на „Пуцко петрол“, Асмир Јахоски, кој е син на пратеникот на ДУИ и поранешен градоначалник на Пласница, Исмаил Јаховски. Понатаму, газдите на компанијата РКЕ, Ерџан Сулкоски и Ратко Капушевски, како и поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, кој е во бегство.
Милошовски : Притворот на ослободените ќе го плати државата
Обвинителот Абази вчера ги отфрли обвинувањата од владејачката партија дека вршел притисок да се запре истрагата. Денеска, од партиското седиште, пратеникот Антонио Милошовски кажа дека шефот на Обвинителството лаже.
– Зошто е Ислам Абази противречен? Затоа што пред една година, Обвинителството што го води тој побара притвор за четири лица осомничени во овој случај и сметаше дека овие четири притворени лица можат да се дадат во бегство или да извршат влијание врз сведоците. Во исто време, Васко Ковачевски веќе беше во бегство. Како може истото обвинителство, кое барало притвор за четири лица од случајот „Мазут“, тежок 167 милиони евра, денес да тврди дека нема основ да се продолжи овој предмет? Со вакво постапување, обвинителот Ислам Абази ќе го претвори ЈО ГОКК во обвинителство за извинување на осомничените за тежок криминал и за плаќање на обесштетување за тоа што биле во притвор. Но на крајот, обесштетувањето што ќе треба да им се плати на Асмир Јахоски, на Ардијан Муча, на Ерџан Сулкоски и на Ратко Капушевски нема да го платат ниту Ислам Абази ниту неговите ментори – Ахмети, Заев и Филипче, туку ќе го плати државниот буџет – кажа Милошовски и побара оставка од Абази, чиј мандат истекува во ноември.
Обвинителката Коларевиќ: Ниту еден доказ не водел кон осудителна пресуда
Обвинителката Катерина Коларевиќ, која ја водеше истрагата за набавките на мазут за ТЕЦ „Неготино“, на брифингот со новинарите рече дека Обвинителството не пронашло ниту еден доказ што би можел да обезбеди осудителна пресуда, поради што била донесена одлука за запирање на постапката.
– Според Законот за кривична постапка, за да поднесам обвинение, треба да сметам дека барем половина од доказите би ми донеле осудителна пресуда, но мене ниту еден поединечно не ми оди во корист – изјави таа и посочи дека од вештачењата, распитите и увидите во документацијата било утврдено дека фирмата РКМ ги испорачувала договорените количини мазут за ТЕЦ „Неготино“ согласно со договорите и потребната динамика.
Според Обвинителството, РКМ била единствената компанија што можела да ги обезбеди бараните количини мазут во време на енергетската криза, додека другите компании со лиценца или не сакале да учествуваат или не можеле да ги исполнат условите. Коларевиќ потврди и дека „Пуцко петрол“ на Асмир Јахоски ѝ позајмил средства на РКМ за банкарската гаранција, а Јахоски бил посредник во обезбедувањето на мазутот од грчката компанија „Хеленик петролеум“. Во однос на сомнежите дека цистерните со мазут чекале пред ТЕЦ „Неготино“ за да се продаде горивото по повисока цена, обвинителката рече дека вештачењето не ги потврдило таквите наводи.
– По вештачењето на фактурите и приемниците, се покажа дека деновите кога се истоварал мазутот, неговата цена била помала – рече Коларевиќ.
Со запирање на истрагата, не се откри дали бил мазутот квалитетен или не, односно дали бил опасен за животната средина и за луѓето. (П. А.)












